Ана Карина, икона на новиот бран на францускиот филм и муза на Жан-Лик Годар, почина на 79 години. Данско-француската актерка се лекуваше од рак во болница во Париз, објави агенцијата АФП.
„Денеска францускиот филм стана сираче, откако загуби една од своите легенди“, изјави министерот за култура Франк Ристер.
Карина сѐ уште била тинејџерка кога со автостоп стигнала во Франција од родната Данска со цел да стане актерка. Таа прво почнала да работи како модел кога била забележана од Годар додека шетала низ Париз. Тој ѝ понудил улога во неговиот филм „Без здив“, но таа одбила зашто не сакала да се разголи.
Тие веќе беа во врска кога Карина на 21 година беше прогласена за најдобра актерка на Берлинскиот филмски фестивал за неговиот филм „Жена е жена“. Карина глумеше во седум филмови на Годар, а се разведоа во 1965 година.
„Многу се сакавме, но беше прекомплицирано да се живее со него“, кажа своевремено Карина.
И по разводот, таа оствари плодна филмска кариера и редовно снимаше до 1990-ите.