Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира жителите на поплавените региони да не ги креваат сами угинатите животни туку да ги пријават кај дежурните ветеринари на пунктовите во населените места Инџиково и Црешево или во училиштата „25 Мај“ во Сингелиќ и „Кирил и Методиј“ во Стајковци. Со пријавувањето, од АХВ велат дека ќе се избегне можноста за појава и ширење зарази.
„Без оглед на тоа дали станува збор за крупен, ситен добиток или за угинати домашни миленици, истите се евидентираат по што се врши нивно подигање и закопување со соодветна механизација на локација која е одредена од страна на општините, која не претставува опасност ниту за животната средина ниту за луѓето“, велат од АХВ.
Стручни тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство, во соработка со ветеринарните друштва и комуналните претпријатија, досега од регионот на Стајковци и Сингелиќ извршиле извлекување, евидентирање и нештетно отстранување на 63 угинати овци, и кози, 12 свињи, 250 пилиња, 160 гулаби, на 2 кучиња и 1 мачка, како и на 18 грла говеда, 1 јаре, и 6 зајци.
Во ветеринарно-информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство, во населените места Арачиново, Брњарци, Инџиково, Сингелиќ, Смиљковци, Стајковци и Страчинци и Црешово, евидентирани се вкупно 365 активни одгледувалишта со 2481 говедо, 3354 овци и кози.