ДА ПОСВЕТИМЕ ВНИМАНИЕ НА ОГРАНИЧЕНИТЕ ПРИРОДНИ РЕСУРСИ, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО 57 ГОДИНИ ОД ЕЛИСЕЈСКИОТ ДОГОВОР

    ДА ПОСВЕТИМЕ ВНИМАНИЕ НА ОГРАНИЧЕНИТЕ ПРИРОДНИ РЕСУРСИ, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ АМБАСАДОР ГЕРБЕРИХ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО 57 ГОДИНИ ОД ЕЛИСЕЈСКИОТ ДОГОВОРАмбасадорот на Германија Томас Герберих и Станислас Мрозек, првиот советник во Амбасадата на Франција и вршител на должност во отсуство на амбасадорот, на синоќешното одбележување во Кинотеката. (Фото: К. Попов)

    Елисејскиот договор меѓу Германија и Франција потпишан пред 57 години е основа за историското помирување меѓу двете земји, со кој сакаме да се справиме со последиците од 21. век, рече синоќа германскиот амбасадор Томас Герберих во Кинотеката, на филмската вечер во чест на годиншнината од потпишувањето на Договорот.

    Амбасадорот Герберих кажа Договорот е основа на историското помирување меѓу двете земји, врз основа на кој сојузната канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон лани го потпишаа Договорот за соработка и интеграција во Ахен.

    „Ќе го погледнеме филмот ‘Тајните на шумата’ од Лик Жаке кој ја раскажува приказната за една тропска шума. Темата е интересна за сите нас, за Германија и Франција, но и за Северна Македонија бидејќи покажува колку е фрагилен нашиот свет и колку е значајно, имајќи го предвид уништувањето на животната средина кое зема замав, сите ние да покажеме поголемо внимание во односот со нашите ограничени ресурси“, рече амбасадорот Герберих.

    Историското помирување меѓу Германија и Франција пред 57 години го одбележаа амбасадите на двете земји во Македонија со проекција на еколошкиот филм „Тајната на шумата” од Лик Жаке. (Фото: К. Попов)

    Првиот советник во Амбасадата на Франција и вршител на должност во отсуство на амбасадорот, Станислас Мрозек, изјави дека Договорот за француско-германското пријателство е момент на блискост и спојување.

    „Бевме сведоци на несогласување и на тензични моменти, проширувањето на Европската унија беше едно од нив, но и едно од најважните. Токму денес, повторно ја наоѓаме автентичноста и цврстината на нашите односи. Се прикажува филмот на Жаке прво затоа што е кинематографија, а токму преку седмата уметност Северна Македонија е препознатлива во светот со номинирањето на македонскиот документарец ‘Медена земја’ за Оскар. ‘Тајната на шумата’ ја покажува посветената битка која ја водат Франција и Германија против климатските вонредни состојби“, рече Мрозек.

    Темата на филмот „Тајната на шумата” е џунглата како еколошки систем. Врз основа на густите шуми во Франција, Перу и Габон, се гледа во историјата на еволуцијата, но, исто така, се упатува на опасноста што се крие во иднината доколку природата не се заштити соодветно.

    Елисејскиот договор е склучен на 22 јануари 1963 година помеѓу претседателот Шарл де Гол и канцеларот Конрад Аденауер. Со потпишувањето на Договорот, Франција и тогашната Сојузна Република Германија го затворија поглавјето на германско-француското заколнато непријателство, а отворија ново поглавје на пријателство и соработка кое трае веќе 57 години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира