Министерката за правда Рената Дескоска денеска реагираше откако пред присутните претставници на Американската амбасада, преговарачите од ВМРО-ДПМНЕ предводени од осомничениот Антонијо Милошоски, си заминаа од преговарачката маса во Собранието за новиот закон за јавното обвинителство.
Дескоска рече дека ВМРО-ДПМНЕ веќе и не ги крие вистинските намери да го одолговлекува и блокира носењето на законот. Таа укажа дека ВМРО-ДПМНЕ претходно не барала републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да биде поканет на денешната средба, туку барањето им текнало да го изнесат на самиот почеток на состанокот.
Дескоска очекувала денес ВМРО-ДПМНЕ да ги изнесе забелешките за законот. Место тоа, тие условија со мешање на обвинител во политички разговори и со јавна расправа, која Дескоска веднаш им ја прифатила.
Министерката кажа дека останал главниот услов за носење на законот што го кажал Мицкоски, а тоа е прекин на сите истраги против поранешните високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„На претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им кажав ако ништо друго, барем да останат да ги слушнат забелешките на останатите пратенички групи, но тие и тоа го одбија. Наредната недела ќе се организира јавна расправа за предлог-законот за јавното обвинителство, каде што покрај експертската јавност ќе биде поканет и Јовески“, рече Дескоска.
По напуштањето на денешните разговори, Милошоски кажа дека неопходно на средбите за законот да присуствува и Јовески, зашто на крајот на декември тој апелираше до партиите да донесат квалитетен, а не закон – продукт на политички пазарења.
Дескоска, исто така, кажа дека продолжуваат разговорите за обезбедување двотретинска поддршка на овој закон.
С. К. ДЕЛЕВСКА