1. Среќа што во Скопје се отворија неколку амбасади. Ќе му помогнат на Министерството за односи со странство во организацијата на информирањето на јавноста. Можат и да функционираат како негови прес-служби. Така и ние новинарите повеќе нема да им се лутиме на вработените во Министерството. Едноставно ќе чекаме соопштенија од амбасадите.
Ете, за посетата на државниот министер во британскиот Форин офис, Даглас Хог, јавноста беше информирана од британската амбасада. Министерството за односи со странство, изгледа, не знаеше дека во Македонија ќе престојува висок функционер на Обединетото Кралство. Па затоа британската амбасада со соопштение за печат нé информира и дека нивниот функционер ќе разговара со нашиот претседател Киро Глигоров. Да не беше соопштението на Британците, немаше да знаеме дека се вратил Стево Црвенковски од Њујорк. Прес-службата на британската амбасада ни го соопшти и тој податок, бидејќи во соопштението стоеше дека министерот за односи со странство ќе се сретне со Хог.
Министерот ни е познат по тоа дека не сака свечени пречеци со микрофони на аеродромот, па и ние, знаејќи ја неговата желба, овојпат не ги блокиравме телефонските линии со контролата на летањето и не организиравме дежурства на скопскиот аеродром. Ама ете, британската амбасада го предаде. Па сега сите знаеме дека се вратил во Скопје. Знаат луѓето како се работи со јавноста. Само, нема смисла. Министерството не е толку “високо” за работите околу информирањето да му ги вршат амбасадори на светски дипломатски сили.
Токму во моментите кога пристигнуваше Црвенковски, а доаѓаше Хог, а Министерството не соопштуваше ништо, новинарите од надворешно-политичките редакции спонтано дојдоа до сознание: “Не го прашувај него. Тој ништо не знае. Работи во Министерството за односи со странство.”
2. Минатата недела славевме. Двоен празник. Велигден и Први мај. Порано за Први мај имаше паради и огнени говори. Сега празникот на трудот не се слави така, ама, сепак, огнени говори не ни недостасуваа. Таман се погоди Велигден, па имавме политички митинзи пред црквата во Скопје.
Оние вистински верници сигурно жалат за старото време. Тогаш, кога во црква не се одеше од помодарство, кога си присуствуваа на богослужба во достоинствена атмосфера, не мораа да се прекрстуваат пред камерите на телевизијата и не учествуваа на политички митинзи. На празникот кој во своја основа ја има љубовта кон сите луѓе, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил одржа беседа во која од името на македонскиот народ им се закануваше на непријателите, мавтајќи со крстот како со меч. А народот – како народ. Ако им држи христијански проповед, ќе вика: “Амин”. Ама, бидејќи ислуша политички говор, сосема нормално што наместо “амин” се заори аплауз. И потоа, по ислушаните политички пораки (ах колку е лоша ТВ-камерата) присуствувавме на директен пренос на сцена кога двајца постари мажи се кршат со велигденските јајца, загризуваат по еден залак и потоа вадат од џебовите шише ракија и се налеваат за здравје. По вакви сцени, оние што искрено веруваат во Христовото воскресение подобро оваа година да го проспиеја.
3. Државата го презеде и суверенитетот на македонското небо над седум илјади метри. Навистина, тоа не ни го признаваат Србите и Грците, ама со нив веќе научивме да живееме на тој начин. Тие и натаму пиратски ќе можат да нé надлетуваат без да ѝ се јават на нашата обласна контрола на летање. Нам единствено ни преостанува да протестираме. Освен ако некому не му текне да ги гаѓаме авионите на грчки “Олимпик ервејз” со противградобијни ракети. Барем додека Америкаците не ни подарат некој суперсоничен авион за пресретнување. Само што и со него ќе имаме проблеми. Штом ќе полета од скопскиот аеродром, веднаш ќе влезе во воздушниот простор на Србија.
Конверзацијата помеѓу капетаните на авионите што нé надлетуват и контролата во Скопје ќе се одвива отприлика вака: “Во овој момент влеговте во воздушниот простор на Македонија. Не трепкајте… Не трепкајте… Е, сега можете. На излегување сте.”
4. По двете катастрофални авионски несреќи многумина очекуваа дека со доаѓањето на капетанот Горан Павловски за помошник-министер за сообраќај ќе се средат работите. Арно ама, Павловски се испокара со авиокомпаниите. Тие го обвинуваат дека “некој” нарочно работи да ги уништи, за да создаде пат за формирање на “нешто ново”. Сите знаат што е тоа “нешто ново”, ама никој не кажува.
Со приземјувања, “одземјувања” и слични работи двете страни играат игра на нерви. И влечат еден по еден потег. Како во шах. За почетокот се исфрлаат пионите. Навистина, шахистите велат дека МАТ може да се направи и со пион. Само мора зад него да стои некоја силна фигура.