ТАЛОГ И ГЛОДАРИ

Тој обичен четврток додека полицијата бркаше крави и апсеше мисица качена на хауба излезе и вест за некоја шпионска афера во Кабинетот на претседателката на Спрингфилд

    ТАЛОГ И ГЛОДАРИ

    1 „Граѓани со жив штит го бранат дивиот пешачки премин на булеварот на Бит-пазар“.

    „Поранешна мисица качена на хауба спречувала државата да заплени крави“.

    „Собир за поддршка на Вучиќ закажан во Куманово“.

    Ова се три наслови во еден обичен четврток во држава која, како што вели премиерот Христијан Мицкоски, „според растот на бруто домашниот производ е во првите три, во првите пет во Европа, колку тоа и да наиде на потсмев кај одредени структури коишто јас ги нарекувам талог на ова општество“.

    Ама, пак, како да сфатиш сериозно некој што протестира затоа што државата сака да го заштити да не загине на див премин на булевар? Патем, тоа е истата држава која си ги троши скапо обучените полицајци да бркаат крави низ кривопаланечките села.

    А тоа дека граѓани на оваа држава се собираат да му дадат поддршка на претседателот на соседна држава е како препишано од анимираните филмови за Симпсонови. Само што дејствието не се случува во измислениот град Спрингфилд, туку во Куманово.

    2 Тој обичен четврток додека полицијата ги бркаше кравите и ја апсеше мисицата излезе и веста за некоја шпионска афера во Кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

    Обвинителството соопшти дека отворило предистражна постапка по дојава за оддавање службена и државна тајна и шпионажа од вработен во Кабинетот. Арно ама, МВР три месеци не му дава на Обвинителството за гонење организиран криминал податоци од вештачење на компјутери, телефони и безбедносни камери.

    Во Обвинителството не знаат дали имало шпион во Кабинетот на врховната командантка на армијата на државата-членка на НАТО. Ама, премиерот Мицкоски нешто знае. Вели дека „тоа се шпиунски талог на општеството, структури од минатото кои што се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари. Претседатели, премиери и така натаму“.

    Кои поранешни разузнавачки структури? Од времето на „Сина птица“ ли се? Или од времето на Доста Димовска? Или од времето на Фрчковски? Или од времето на Мијалков? Од пред колку години е тој шпионски талог во Кабинетот на шефицата на државата? Од пред две, три, пет, десет, педесет години? Од ОЗНА и УДБА, од историското ВМРО, или од наследниците на ВМРО? Па од 35 години, колку што сме независна држава, барем 18 години ВМРО-ДПМНЕ била на власт. И тоа секогаш имала апсолутна власт.

    И што значи тоа „шпионски талог“? Ако некој ти ровари во Кабинетот на шефицата на државата, а премиерот го навреди нарекувајќи го „глодар“, ќе престане ли да ровари? И ние одма сме побезбедни.

    Сознанието дека државата нема контрола врз сопствените разузнавачи е пострашно отколку дека имало шпион во Кабинетот на претседателката. Ама, имаме среќа дека премиерот го знае тоа што не може да го дознае Обвинителството, па ни објасни дека „тие се претставуваат како група вработени што испраќаат анонимни дописи до обвинителства и потоа се разбира, таму е Ислам Абази (шеф на Обвинителството за организиран криминал, н. з.) веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало“. И затоа смирено заклучува: „Јас не би ги коментирал овие глодари бидејќи мислам дека треба да ги заборавиме.“

    Едноставно кажано: тие таму кај претседателката нешто се кодошат меѓу себе. Обвинителот е хистеричен и дига паника. Затоа МВР е во право што три месеци не му дава податоци. Што сакаат нека прават, не ме интересира и баш ми е гајле што се случува.

    3 Мицкоски ем критикува, ем дава задачи, ем се прави дека не е од тука. Сѐ знае. Само не знае дали вицепремиерот Арбен Фетаи уште добива плата, иако два месеца не доаѓа на работа.

    Цела недела ја прашуваме Владата дали на вицепремиерот за добро владеење му исплатиле плата за недоаѓање на работа. Од Владата велат дека треба да прашаме во Министерството за финансии. Синким Министерството за финансии е од некоја друга влада. А бидејќи Фетаи е кадар од „Вреди“, може треба да се праша кај нив. Може Владата на ВМРО-ДПМНЕ не знае дали во Владата на „Вреди“ примаат плата.

    Мицкоски рече дека наскоро ќе се сретне со Фетаи. Нѐ предупреди дека неговата влада ќе има уште многу успеси, па веројатно и средбата меѓу премиер и вицепремиер во иста влада ќе биде своевиден успех што ќе ги разочара глодарите. Уште поголем успех ќе биде кога премиерот ќе дознае зошто вицепремиерот не му доаѓа на работа. А најголем успех ќе биде кога и на глодарите ќе им стане јасно дека „доброто владеење“ со недоаѓање на работа го плаќаат македонските даночни обврзници.

    4 Како што Мицкоски повикува на помирување и обединување, веќе во другата реченица зборува за глодари и талог на општеството. Не знам како мисли да се помирува ако постојано навредува, дури и кога некој ќе му постави прашање што не му се допаѓа, ама искрено се надевам дека министерот за здравство Азир Алиу е соодветно алармиран и го екипира неговото министерство по јавните настапи на премиерот.

    Не би сакал да кревам паника како шефот на Обвинителството, ама при толку глодари и талог, идеални ни се условите за ширење на хантавирус.

    Ние сме како оној бродон „Хондиус“ што пловеше по Атлантикот со заразени од хантавирус. Милион и осумстотини патници качени на бродот за ЕУ. Со децении стоиме закотвени на отворено море. Во карантин. Одвреме-навреме ни доставуваат храна, вода, пијачки, лекови… Па и лекари ни праќаат. Колку барем некој да преживе до првото пристаниште. Што е толку блиску, а толку недостижно.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира