Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше дека во објектот имало противпожарни апарати, ознаки за излез и панични светла. Таа рече дека на претходни настани се употребувале пиротехнички средства со кои раководело лице чиј идентитет не го знае.
Јованова рече дека за работењето на клубот бил одговорен нејзиниот татко, а таа била само посетителка, никогаш не се мешала во работата и не била присутна вечерта кога избувнал пожарот. Меѓу обвинетите во постапката, освен нејзиниот татко Дејан Јованов, се и нејзиниот брат Михајло Јованов и чичко ѝ Тодор Јованов.
Одговарајќи на прашањата на адвокатката Ивана Коцевска од одбраната на првообвинетиот, Јованова го опиша внатрешниот изглед на објектот. Таа кажа дека почнала да оди во дискотеката во 2018 година, а во 2024 година биле отстранети терасите, односно галериите, и било додадено осветление.
Според нејзиното сведочење, противпожарни апарати имало кај главната врата, кај бината и кај шанковите. Панични светла имало на задната врата, на вратата за излез и на вратата кај билетарницата, а тие се вклучиле при еден прекин на снабдувањето со електрична енергија.
Јованова сведочеше дека присуствувала на претходни настани, како родендени и отворања, на кои се користеле пиротехнички средства. Таа забележала средно висок, полничок и малку ќелав маж што раководел со нив, додека од десната страна на бината имало поставено кутија, а надвор пред вратата видела комбе со натпис „Пиротехника“.
На прашање на одбраната, сведокот потврди дека при нејзините посети често доаѓала полиција, при што полицајците барале лични карти, стоеле на вратите и не дозволувале никој да влегува или да излегува.
При вкрстеното испрашување од Јавното обвинителство, Јованова рече дека сите гости ја користеле задната врата за да излезат да пушат цигари и оти таму никогаш не видела обезбедување. Таа негираше каков било работен ангажман во клубот и наведе дека пред да наполни 18 години не престојувала во дискотеката по полноќ, туку само пред полноќ.
Судот не ги дозволи прашањата на Обвинителството за тоа кој ги водел профилите на „Пулс“ на социјалните мрежи, дали Јованова учествувала во преземањето на последната лиценца од Министерството за економија во 2024 година и дали го познава лицето по име Вили од тоа министерство.
Пред судот сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој изведувал работи во внатрешноста на објектот во 2012 и во 2024 година. Тој изјави дека Дејан Јованов го ангажирал усно, без писмен договор или документ за изведените работи, и потврди дека Јованов бил присутен додека тој работел.
Зафиров сведочеше дека во 2012 година со дрво, иверица и фурнир ги обложувал постојните метални конструкции што ги изработиле браварите, при што 90 проценти од работите веќе биле завршени кога тој влегол во објектот. Упатствата, плановите и скиците на браварите им ги давало друго младо лице, а не Дејан Јованов. Во 2024 година Зафиров ги доработувал и обликувал клупите во сепарињата со водоотпорни панели, наведувајќи дека на покривот не биле направени никакви промени.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.



