1. Не знаев дека еден од условите за прием во Советот на Европа е државата што има поднесено молба да има многу полиција. Тоа ми стана јасно дури во Охрид, додека траеше седница на Комисијата за односи со земјите-нечленки на Советот на Европа. Дојдоа луѓето од сите страни на Европа, во нашиот бисер балкански, да оценат дали нé бива и нас да нé примат во нивно друштво. И, како вонреден напор, домаќински се потрудивме во Охрид да ја однесеме цела полиција што ја имаме.
Барем таков впечаток добија гостите. Инаку, од каде толку мала држава, а толку многу полицајци. Ги имаше насекаде околу хотелот “Белви”. Стојат на паркингот, излегуваат од шумата, ги бројат плочките околу базенот, собираат камчиња на плажата, ги мерат тениските терени. Управата на хотелот веќе сериозно размислува да подготви нов пропаганден материјал. Кога ќе ви нудат соба, ви нудат соба со поглед на – полицајци. Нема промашување. Сино езеро, сино небо и сини униформи. Големо синило.
Од сите убави работи што им ги раскажувавме за нашата земја, колку сме фини, демократски, мирољубиви итн., на гостите најголем впечаток им оставија полицајците. Едноставно, не можеа да погледнат на страна, а да не видат некој од нив. Па се чудеа, зарем тие се толку важни луѓе. Прашуваа зошто има толку полиција. А организаторите им објаснуваа дека полицајците останале во Охрид уште од неделата, кога ги обезбедуваа претседателите на Албанија и Македонија, Сали Бериша и Киро Глигоров. Само чудно, Претседателот си замина од Охрид, а полицајците останаа. Белким не заборави да си ги земе со себе. Среќа што Бериша со себе си ги понесе своите полицајци. Тие имаат малку потемна, сина боја на униформата. Уште тие ни фалеа. Ќе ни го расипуваат видикот. Од толку полиција ќе – помодревме.
Друга позитивна работа на нашата полиција е тоа што таа се грижи за здравјето и менталната чистота на хотелските гости. Ако отидеш со гаќички за капење на плажа, веднаш ти доаѓа полицаец за да те легитимира. И добиваш прекор, зошто со себе не си го носиш беџот на организаторот. Така што МВР сега ќе лансира нова мода за на плажа. Туристите летово ќе носат водоотпорни беџови околу вратот или прикачени за костимите за капење. За да бидат на штрек, ако среде пливање пред нив изнурка некој полицаец и им побара да се легитимираат.
2. Премиерот Бранко Црвенковски беше во Италија. Сите јавија дека неговата посета на Рим била многу успешна. И италијанските гласила пројавиле симпатии кон “најмладиот премиер во Европа”. Освен тоа, Црвенковски е првиот странски државник со кого се сретнал новиот италијански премиер Силвио Берлускони.
Сепак, не мора да се претерува дека посетата била баш толку успешна. За каков успех станува збор, кога Бранко Црвенковски не успеа да се сретне со Амбра и со другите девојки од шоуто “Ова не е РАИ” на Берлускониевата телевизиска станица “Италија уно”.
Мора Берлускони да се исплашил кога прочитал дека ќе се сретне со најмладиот премиер во Европа. Немој случајно Амбра да се вљуби, па да му избега. Особено што во придружба на Црвенковски беше и Ѓунер Исмаил. А тој е познат по културно-забавниот живот. Па може да ја грабне и да ја донесе во Македонија да ги води “Водните лудории”. Затоа Берлускони превентивно дејтсвувал со тоа што не им овозможил средба со Амбра. Инаку ќе се случеше дипломатски инцидент. Сепак, Амбра беше вклучена во изборната пропаганда на Берлускони.
3. Разочаран од дипломатскиот неуспех во Рим, министерот за култура Исмаил реши да ги скрати парите што однапред ги ветил за годинашното “Охридско лето”. Организаторите се жалат. Подготвиле богата програма, а сега треба да ја скусат.
Кој им е виновен што, како министерот, не сфатиле дека треба пазарно да се однесуваат. Сите фестивали се исти и сами нека се снаоѓаат. Посебна нега ќе добие аматеризмот. Како фестивалот на аматерите во Кочани, што годинава прерасна во богата манифестација. Кочани – богат град. А и гајдаџиите во Долнени биле влезени во фестивалската листа што ќе ја финансира државата. Тогаш, што ќе му е на Охрид – Охридско лето? Што ќе ѝ е на државата “Охридско лето”? Таа веќе си го има фестивалот во Валандово.
4. Било да е охридско, било да е скопско, летото немилосрдно си доаѓа. Остави што сé уште не се пуштени во продажба водоотпорните беџови, туку и преговорите со Грција допрва ќе започнуваат.
Прво чекавме да им поминат парламентарните избори, минатата есен. Сега чекаме да им поминат изборите за Европскиот парламент. И таман ќе седнеме да разговараме, ќе дојде време за нашите избори. Па тие ќе чекаат и ние да завршиме со таа работа.
… И, пак нема да одам во Грција на одмор.