ФРЦ ФРАКЦИЈА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:65:"Кодошењетокаконационалнадоблест

    1. Сé што сте сакале да дознаете за Службата за државна безбедност, а не сте се осмелувале да прашате, сега е пред вас. Нема тајни, нема измами. Секој за секого знае сé. И пријавува кај потсекретарот во МВР Слободан Богоевски.
    Последната расколничка афера во ВМРО-ДПМНЕ ја провали целата аген­тура на Службата за државна безбеднсот. Љупчо Георгиевски го обвини потсекре­тарот Богоевски дека му бил доушник на Змејковски. Џо го обвини Змејковски дека му бил доушник на Богоевски. Змејковски го обвини Џо дека бил доушник на СДБ. Георгиевски кажа дека Владимир Голубовски бил соработник на СДБ. Голубовски соопшти дека и Петар Гошев од Демократската партија бил доушник на СДБ. А Гошев изјави дека не се дружи со кодоши. Ако сите работеле за Слободан Богоевски, нормално е и сите да се знаеле меѓу себе. Како колеги.
    Каква мрежа сплетоа, логично е, човек да фати уплав. Секој на секого му е брат, секој на секого му е шпион. Ако се суди по сé она што ни го раскажуваат деновиве, ќе излезе дека кодошењето е национална доблест на македонскиот народ.
    Министерот Фрчковски нема потреба да се занимава со кадровско зајак­нување на службата за безбедност. Изгледа, најдобрите кадри ги има во ВМРО-ДПМНЕ. Како што течат работите, не е чудо наскоро оваа партија да го смени името. Ќе се вика – ВМРО-СДБ.

    2. Сега сите мозочни вијуги се презафатени во напорите да откријат кој е “Вијуга” во партијата. Змејковски и Георгиевски тврдат дека според документите од СДБ, под името “Вијуга” се крие Владимир Голубовски, претседателот на ВМРО-ДП. Арно ама, Голубовски тврди дека “Вијуга” сé уште се наоѓа во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и работи за СДБ. Раководството ќе треба да ја ангажира Доста Димовска, како македонска Мата Хари, која барем досега не ја видовме во ниту еден новински извештај. Нема смисла да остане потпретседател­ката запоставена во општото откривање на кодошите.
    Инаку, и ние се вклучивме во општата мониторинг-мисија. Како УНПРОФОР и  КЕБС  во Македонија. Со мандат на набљудување и известување. Од најдовер­ливи извори откривме неколку шифрирани пораки. На пример, кога некој ќе рече: “На овој добро му работат вијугите “- тоа значи дека кодошот во  ВМРО-ДП­МНЕ успешно ја извршува задачата. Или – “Се завлекол во дувло и не мрда оттаму” значи ептен му е лојален на ВМРО-ДПМНЕ и не го интересира никаква фракција. А кога некој некому ќе рече: “Ај ќе се видиме во Сина птица”, значи “Ај ќе формираме паравоени формации”.

    3. Никако не можеме да дешифрираме што ѝ значи она “Фрц-налево, фрц-на­дес­но” на новокомпонираната естрадна ѕвезда Јаца, што настапува со голо меше на терасата на хотелот “Панорама” во Скопје, за приватната станица РТА, а сега се проби и до валандовскиот фестивал. Мислевме, мислевме, ги напрегнавме сите можни мозочни вијуги и смисливме дека она “лево-десно” има врска со политички отклонувања во партиите. А она – ФРЦ е кратенка од зборот “фрак­ција”. Па оди: “Фрц налево, фрц надесно”.
    И така, Јаца фрцка пред публиката, а таму претставници на сите политички сили. Туше Гошев, Јован Андонов, Јован Тофовски, Љупчо Поповски, Перо Гошев… Ако ја сфатија политичката порака за фракциите во нивните партии, Јаца може да им биде од корист.
    4. Што се однесува до настапот на Јаца, валандовскиот фестивал годинава доби меѓународен карактер. Мултинационален. Прво, ѕвездата настапува со групата “Јатаган”. А тоа е турска сабја. Потоа во песната бараше од мајка ѝ да ѝ даде “ранде ву”. Да ѝ кажело либето “мона мур”, а таа ќе му речела “Ај лав ју”. Класична турско-француско-англиско-македонска копродукција.
    Сé се чудам дали авторите на текстовите сами ги смислуваат стиховите, или некој им помага. Просто се восхитив од една песна (нека ми извини пејачката што не ѝ го знам името) чии стихови одеа вака: “Сé ти дадов Стојче, зар и душава, секое утро одам дома, леле бушава!” Чиста сексуална револуција! Ама, сепак, за­др­жа­на е традицијата на старите македонски песни за недопрените моми. Во современа варијанта чесните моми даваат сé. А душата си ја чуваат за првата брачна ноќ.

    5. Замислете – и Милошевиќ бил антифашист. Пред некој ден, јавија агенции­те, ги примил во Белград борците од НОВ (веројатно партизаните) и им рекол дека Србија и српскиот народ решително се спротивставени на силите кои носат фашистички идеи.
    Гледате како може човекот да се измени. Откако со помош на фашистите се истовари во Хрватска и Босна, сега изгледа очекува да го поканат на свеченоста по повод истоварувањето на антифашистите на плажите во Нормандија.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира