1. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски по повод аферата “Раскол”, на прес-конференцијата во четвртокот ги повика “самостојните и достоинствените новинари” да дадат активен придонес во интерес на вистината и им подели некаков документ со предмет “Лав”, од кој наводно се гледа дека СДБ го прислушкувала разговорот помеѓу координаторот на пратеничката група Томислав Стефковски и потпретседателот на партијата ВМРО-ДПМНЕ Доста Димовска.
Самостојните и достоинствените новинари другиот ден го објавија документот во целост. Жива драма со возбудлив дијалог меѓу Димовска и Стефковски. Само читај и замислувај ги ликовите.
Арно ама, по објавувањето на документот уште ништо не е јасно. Единствено дознавме дека пратеникот Стефковски на госпоѓицата Димовска по телефон ѝ се обраќа во машки род. “Кај си бе ти”, или, “Зошто бетер бе!” Наместо, како што е ред, а сепак во рамките на неговото надалеку познато културно однесување, да ѝ каже: “Кај си мори ти!”
Втора работа што може да се извлече како заклучок од нивниот разговор е дека Доста Димовска има проблеми со дишењето. “Сега, ти кажувам седете таму, ќе…” (издишува длабоко), на што координаторот ѝ одговорил: “Што тешко дишиш, да не имаш проблеми ти?!”
И трет заклучок кој неодминливо се наметнува е дека Министерството за внатрешни работи нема доволно пари да си купи машина за пишување на кирилица. А за компјутери ич да не збориме. Да ги нема ова паравојските, со компјутерските центри што ги запленуваат, ќе останеа полицајците информатички неписмени. Може да држи евентуално уште едно објаснување, зошто разговорот е пречукан на латиница. А тоа е дека изворот “Полог” можеби е југоносталгичарски расположен, а којзнае можеби и работи за КОС, па да можат и тие да го разберат.
2. Како и да е, разговорот меѓу Димовска и Стефковски може вода да им носи на многу други разговори што секојдневно можат да се слушнат во скопската телефонска мрежа. Јас сум врзан на старата телефонска централа, па така и лично можам да се уверам во почитувањето на уставно загарантираното право за тајноста на телефонските разговори.
Гледајќи го документот презентиран на конференцијата за печат на ВМРО-ДПМНЕ, добив идеја да ги снимам разговорите на непознатите јунаци што ми се мешаат во линијата. Па после да ги објавам. Ќе бидат далеку почитани отколку политичките дијалози на тема “Змејковски”. Можам комотно да објавам книга на рецепти. Или совети за млади мајки. Може да се продаваат деловни тајни на конкурентски фирми. А, богами, има материјал и за збирка раскази со љубовни искуства.
3. Метју Нимиц повторно допатува во Македонија. И повторно беше краток, јасен и крајно содржаен во своите изјави. Така што и натаму ништо не ни е јасно.
Се сеќавам дека кога кон крајот на 1992 година вака интензивно нé посетуваше британскиот дипломат Робин О’Нил и кога беше густо пред единбуршкиот самит на ЕЕЗ, нашите го носеа во Охрид. О’Нил успеа некако дванаесетмината да ги убеди да го префрлат проблемот во Обединетите нации. Веројатно за да го омекнат и Нимиц, и него го прошетаа до Охрид.
Изгледа Нимиц толку се воодушевил од убавините на Охрид, што останал без збор. Затоа и ништо не кажуваше во изјавите. Следниот пат нека го носат во Струга. Како Струга нема друга. Исто како што – “Има само една Македонија” и “Името не го менуваме”.
Цело време се споменува некаков пакет според кој сме подготвени да разговараме. И јас сум заинтересиран за разговори за пакетот. Особено како што наидува летото. Ме интересираат туристичките пакет-аранжмани. И многу немам простор за преговарање. Веднаш прашувам на колку рати може да се плати.
4. Грција повторно ја затегна работата со Турција. Турците обвинуваат дека на грчка територија се обучуваат курдски терористи. Премиерката Тансу Чилер се заканува дека ако Грција се обиде да ги прошири своите територијални води во Егејското Море, таа ќе се истовари на грчките острови. Од друга страна, Грција ја блокира помошта за Албанија во Европската унија и уште се заканува дека ќе ја затвори и таа граница. Со нас ситуацијата е веќе позната.
Колку би бил среќен Папандреу кога неговата земја не би била ниту членка на ЕУ ниту членка на НАТО. Со таков лидер таа држава би била најцврстиот комунистички бастион во светот. Методите се исти – измислување на надворешни непријатели. Кога би била комунистичка земја, Грција би била диктатура за пример, на која би ѝ позавидел дури и Сталин.