1. Доаѓа лето. Уште малку, па ќе дојде време и за годишни одмори. Оние што сакаат да кампуваат веќе се подготвуваат. Ги распнуваат своите шатори на граница, ама на стратегиско место, за да имаат подобар поглед. Околу копаат канали за одвод на вода, ако се случи да имаме дождливо лето, па да не им се наводенат шаторите. И јуни е дождлив, па затоа каналите се подлабоки. Личат на ровови.
Србија не крие дека сака да има заедничка граница со Грција. За почеток, поблизу е за 250 метри, колку што влегоа нејзините војници на македонска територија. Како што доаѓа лето и расте желбата за море, полека, полека ќе се најдат српски кампери и на Кајмакчалан.
Додека трае сезоната на кампување, нема потреба од други операции. Како на пример – попис. Лидерот на Демократската партија на Србите Драгиша Милетиќ знае колку Срби има во Македонија и без попишување. Штом знае дека 85 од сто од нив досега не добиле уверенија за државјанство. Поради сомневање во правилното спроведување на пописот Милетиќ ќе ги обелоденел српските енклави. Засега според национална припадност, а ако треба тие ќе го добиеле своето класично значење и територијален интегритет. Значи, ќе станат српски автономни области. А ако на Милетиќ не му се по ќеиф резултатите од пописот, може да станат и република. Секој српски камп – посебна држава. Како во Хрватска и Босна. Сите логори во една држава.
2. Камперите на Чупино Брдо кај Крива Паланка не смеат да бидат вознемирувани. Американците од УНПРОФОР од Македонија исто така поставија шатори, ама малку подалеку од српскиот камп. И пониско од врвот, за да не ги дува ветер.
Портпаролот на Командата на УНПРОФОР за Македонија Елизабет Болдвин, завчера вечер, на Македонската телевизија ни соопшти дека силите на ОН не воспоставиле контакт со српските кампери, бидејќи било лошо времето, а тие не сакале Србите да помислат дека им приоѓаат со непријателски намери.
Што ти е добро воспитување и чувство за префинето туристичко работење! И на кампери што илегално престојуваат треба да им се пријде пријателски.
Така пријателски му приоѓаат и на најпознатиот и најпасиониран кампер на Балканот Слободан Милошевиќ. Пријателски си го шетаат по Женева да не помисли дека имаат нешто против него, за сé го консултираат и ете, човекот си ја освои половина Босна и Херцеговина, сосе коридорите меѓу енклавите “со своето класично значење” и сосе исчистениот терен за кампирање. Колку ли ќе освоеше да беа по некоја случајност непријателски расположени?
3. Во мисија на добра волја ни пристигнаа и српски попови. Му носат писмо на архиепископот г. г. Михаил. Ќе нé спасуваат од унијатство и католицизам. Порано нé спасуваа од исламот. Само од српски попови – нема спас.
Државата не му дозволи на врањскиот владика Пахомие да влезе во Македонија. Не знам која држава на светот би дозволила влез на луѓе кои не ја признаваат ни државата, ни црквата, ни народот. Ај што не ја признаваат, туку на нејзина територија тоа сакаат и да го проповедаат.
4. Една позната политичка личност – од едно познато министерство во Владата на Македонија, деновиве одржа прес-конференција. Пред новинарите беше обелоденето дека некои познати политички личности од една позната политичка партија правеле неубави работи. Се среќавале со некои технички секретари на непријателски организации, правеле планови за радио-станица на некоја позната историска планина, земале пари за предизборна кампања од некоја позната соседна земја и правеле групи за идеолошка и воена подготовка и за ширење пропаганден материјал.
Чудо едно колку новинари имаше на прес-конференцијата на познатиот министер и никој, ама баш никој, не постави прашање: Која е таа позната политичка партија и кои се тие познати политички личности. Или новинарите беа фасцинирани од монологот на министерот, или пак тие сé знаат, па затоа не прашуваат.
Веднаш се јави ВМРО-ДПМНЕ и го повика министерот Фрчковски да поднесе кривични пријави против познатите партии и лица и да изнесе аргументи за тоа што го зборувал. Во случајов излегува дека Фрчковски ја применил оперативната акција “Истерувач на муви”. За да види кој ќе си ја ишка мувата од капата.
5. МВР конечно се фати во костец со организираниот криминал. Ете, поднело пријава против некој свој службеник кој некому му ја променил датата на примерокот за барање пасош и за тоа земал поткуп, замислете – цели двеста марки. За таква ситна услуга не можел да набие цена на стотици илјади марки.
6. Од понеделник ќе почнеме со пописот. Да се преброиме. Да видиме дали сме токму!