1. Решивме да станеме работни луѓе. И во Европа да влеземе наспани. Односно, тоа го реши Владата со оној страшен декрет за затворање на сите кафулиња, кафеани, ресторани, сендвичари и така натаму, во 11 часот навечер, па отсега натаму Скопје ќе личи на оние здодевни европски метрополи, каде што луѓето одат в кревет во време кога скопјани се подготвуваат за излегување и каде што сонливи чекаат по метро-станиците за да одат на работа, во време кога скопјани се прибираат дома на спиење.
Којзнае, можеби историјата ќе го осуди Бранко Црвенковски како убиец на душата на градот. Зашто, што друго можеше да му се покаже на странец и што го правеше Скопје интересно, ако тоа не беше ноќниот живот на младите? Не очекува веројатно некој да им се одушевува на блоковите на Градскиот ѕид. Или на должината на здодевните социјалистички булевари. Барем да нé оставеа во петок и сабота да се издуваме. А не во 12 да нé бркаат дома.
Сиромашките полицајци. Се отепаа од работа. Преку ден патролираат на Партизанска пред пазарчето Буњаковец и со помош на пајакот на сите сопственици на паркирани возила практично им ја покажуваат неостварливоста на теоријата за носење на две лубеници под една мишка пешки до дома, а пред полноќ шетаат по кафулињата и гаснат музика. Во рамките на акцијата “Прохибиција ’94” се предвидува некаде пред полноќ на екраните на МТВ да се појави лично министерот Фрчковски во специјална емисија: “Лека ноќ, драги деца” и да отпее приспивна песна.
Во градот веќе се заговара организирање на средношколците кои, во знак на протест против “декретот” со кој се укинува “забавата”, ќе штрајкуваат и на 1 септември нема да се појават во училиштата. Ќе им бил нарушен енергетскиот баланс меѓу одморот и забавата. Сега ќе мораат да спијат пред да одат на училиште.
За очекување е страшниот декрет да стане тема и за предизборни препукувања. Тие што сметаат на гласачите од студентската популација и младите невработени, ќе мораат да им ветат укинување на декретот и забава до паѓање во несвест. Владата изгледа смета на гласовите на нивните родители. Затоа што ги затвори местата каде што во предизборието можеше да се дружи со младите. Барем премиерот имаше навика одвреме навреме да се појави во диско.
Ете зошто министерот Туше Гошев навреме ги подели големите станови на функционери. Тие нема да служат само за приеми на новинари. Пратениците сега ќе можат да прават журки. Ако мислат повторно да се кандидираат, ќе си ги викнат на забава младите од својата изборна единица.
2. Сите млади не се забавуваат само со стоење по кафулињата. Младите ракометари отидоа во Израел да играат со Грците. А Грците не сакаа да си играат затоа што нашите носеле маички со натпис “Македонија”. И го напуштија натпреварот. Така што нашите победија со 10 : 0.
Ех, што ти е младост! Две години преговараме со Грција на неутрален терен и со судија на теренот, а па уште сме нерешено. А младите ракометари – прво излегување на неутрален терен и победија. Единствената финта е во тоа да не дадеш да те соблечат.
Сега ми е јасно зошто министерот Стево Црвенковски и среде летните жештини оди со темни костуми и цврсто стегната вратоврска на кошулата. Тренира за продолжението на преговорите во Њујорк. Замислете да им текне на Грците да му речат на Сајрус Венс да го соблече Црвенковски пред да започнат со директни разговори. Можеби затоа уште сме во фаза на индиректни преговори. Следниот пат Црвенковски нека отпатува во Њујорк со црвена вратоврска со апликација на шеснаесеткракото сонце. Грчката делегација веднаш ќе се повлече. А Сајрус Венс ќе ги дисквалификува. Тоа му е поприфатлива варијанта отколку да врши притисок на Стево да се соблече. Очигледно.
3. Туристичката сезона заврши. Охриѓани можат да здивнат. Си отидоа туристите што им правеа бели. Сега сами ќе си се капат во езерото. Ќе си паркираат кај што си сакаат. Никој нема да ги вознемирува со гласна музика. Меанџиите ќе ги намалат цените на пијачките. Во самопослугите нема да ги поткрадуваат со заокружување на цените. Локалните полицајци нема да мораат да носат штрафцигери да ги вадат регистарските таблички на автомобилите од другите градови. Уште и да не им се вонсезонските спектакуларни убиства, охриѓани ќе си уживаат во животот со менталитетот на паланка. Им останува само да се молат и да се надеваат дека вгодина ќе им дојдат уште помалку туристи од годинава.
Во Охрид и оваа година се случи пливачкиот маратон. Овој пат поразличен од минатогодишниот. Лани Васил Тупурковски пукаше на стартот, а Киро Глигоров ги пречекуваше пливачите на целта. Годинава Киро Глигоров беше на старото место и викаше “Вива Аргентина”, а Циле го немаше никаде и не викаше ништо. Не е белким да се случи на Циле да му се исушил барутот во пиштолот. И да пукне, не може да се слушне.
4. Се изнаслушав за аферата со “Стопанска банка”. Те избори, те гувернери, те упади во монетарниот систем… Искрено, со економијата сум скаран, ама како што ја сфатив целата работа, ми се направи ќеифот.
Кога си во минус на тековна и кога одиш на шалтер за да земеш чекови, благајникот те враќа. Значи, Народната банка одбила да ѝ даде чекови на Стопанска банка зашто била во минус. Ете затоа ми се направи ќеиф. Нека видат и банкарите како изгледа кога молиш за чекови на нивните шалтери, а тие не ти даваат.