Владата на денешната седница донесе уредба со законска сила со која се предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица да плаќаат најмногу до 30% од обврските по договорите за финансиски лизинг склучени заклучно со 31 март, при што рокот на плаќање на месечните ануитети, односно периодот на отплата се продолжува за најмалку 90 дена, соопштија од Владата. Дополнително, давателите на финансиски лизинг во периодот април-јуни нема да пресметуваат и наплатуваат било какви трошоци (камати, провизии).
„Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 април 2020 година до 30 јуни 2020 година рамномерно ќе се распоредат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година. Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови само заради олеснување на условите, а на корисниците кои во тој периодот редовно ќе ги отплаќаат обврските, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат други поволности во однос на отплатата на обврските“, се вели во владиното соопштение.
На денешната владина седница е донесена и уредба за примена на Законот за финансиските друштва за време на вонредна состојба, која предвидува во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на кредити по договорите за кредит кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година да ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а финансиските друштва не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци, провизии и/или казнени камати.