1 Помина веќе времето за дебати и панел дискусии за заштита на жените од насилство и убиство. Зарем ни треба уште време да сфатиме дека тепањето жени не е партиско прашање? И дека казнувањето на насилниците не треба да зависи од партиската припадност? Да не мора премиерот да се јавува од Брисел со видеопорака за да го осуди насилството. Без да се знае чиј син бил насилникот што ја претепал девојка му и ја оставил на улица.
Работава е дојдена до таму што можеби треба некое законско решение слично на она со кое британската премиерка Маргарет Тачер во 1980-тите се справи со насилствата на навивачките групи во Обединетото Кралство. Треба да се смени системот што на насилниците им дозволува да останат неказнети.
Тоа значи, прво, експресна реакција на полицијата. Нема тука „оди си дома, ќе се смирите, сигурна ли си дека не си крива, кој се сака, тој се тепа…“, туку веднаш насилникот во притвор. Потоа, експресно судење, од притвор одма во затвор, нема тука вештачења, психијатриски набљудувања, па судијата се разболел, па обвинителот бил куќен пријател, па од партија се јавија… И така, насилниците со години шетаат слободно, а жртвите се кријат.
Значи, треба итно да се смени законот со кој ефикасно ќе се заштитат жените од насилство и убиство.
А што прават 45 жени пратенички во Собранието освен што бројат натепани и убиени жени? Тие ги носат законите. Нели?
Чекаат партиските лидери мажи да им дадат насоки што треба да прават.
Како, впрочем, и претседателката на државата.
2 „Ова ќе биде тешка зима, тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија“, предупреди премиерот Христијан Мицкоски од Берлин. Тој рече дека „денес во светот се води тивка, трета светска војна“, ама Владата успеала „да креира стратегија со којашто ќе го олесни стандардот на македонските граѓани“.
Во исто време додека премиерот од Берлин кажуваше дека има стратегија како да се справиме со кризата, поради неплатени сметки беше исклучена струјата на неговиот матичен факултет, Машинскиот, и на неколку други факултети и на Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Министерката за образование Весна Јаневска потврди дека струјата не е платена и рече дека за да се подмират сметките се чека да биде изгласан ребалансот на државниот Буџет.
Зарем со досегашниот Буџет не било предвидено да се плаќа струја, па сега се чека ребаланс? Зарем плаќањето струја на државен универзитет е непредвиден трошок?
Според последните информации на Министерството за финансии за последното тромесечие, државните институции должат 120 милиони евра само за комунални услуги, струја, вода, греење, телефони и транспорт. Сите јавни здравствени установи должат над 150 милиони евра по разни основи.
Така што, не е дека државата не сака да плаќа струја. Сака, ама нема пари. Ги потрошила за други приоритети.
Среќа што имаме премиер енергетичар. И прецизен математичар. Па имаме среќа дека сме веројатно единствената земја во Европа во која премиерот има стратегија како да ја преживееме Третата светска војна, ама нема пари да се плати струјата на факултетот на кој самиот предава.
3 Во меѓувреме, Македонија се соочи со уште една сериозна безбедносна закана. Тоа се кравите во Крива Паланка, кои се најдоа во вестите на неколку светски медиуми.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски ги повика амбасадорите акредитирани во земјава да го спасат градот од нападот на кравите што неконтролирано шетаат по улиците и околината. Опозициските советници од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека ќе поднесат акциски план за решавање на кризата со кравите. Претходно, градоначалникот кој е од СДСМ побара Владата да прогласи вонредна состојба, па по повеќенеделно игнорирање на барањето, во Скопје во Министерството за земјоделие се одржа координативен состанок на кој се сретнаа министерот, четири директори на разни агенции, претставник на МВР и координатор од Владата. Два дена траеше координативниот состанок, уште не знаеме како ќе се спасува Крива Паланка.
А зошто градоначалникот бара помош од амбасадорите? Па Владата може да се повика на Членот 5 од Договорот за НАТО и да повика помош од северноатлантските партнери, по принципот на колективна одбрана – напад врз една земја-членка се смета за напад врз сите членки. Две земји-членки на НАТО се загрозени. Кравите неконтролирано преминуваат и во Бугарија.
Досега кај нас имавме неколку вежби на НАТО. Им ги паметам имињата „Одлучен удар“ и „Брз одговор“. Време е НАТО да се покаже во вистинска акција со итна воено-полициска операција за одбрана на суверенитетот и приватните ниви на македонските граѓани од неконтролирани крави. Тоа што го вежбале на воениот полигон на Криволак да го покажат во Крива Паланка со операција под кодното име „Mууу-штит“ (Moo Shield).
Да не дозволиме Третата светска војна, од која нè спасува премиерот, да ескалира баш во Крива Паланка.
4 Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје избувна пожар. За среќа, нема повредени. Причината најверојатно е отпушок од цигара. Фрлен на тераса, се запалиле колички, па чадот влегол во болничките соби и ходникот.
Новиот Закон за заштита од пушењето е заглавен во Собранието со амандмани на два пратеника од владејачкото мнозинство, кои го бранат правото на пушачите и предлагаат специјални соби за пушење и клубови за пушење. Според нив, правото на пушење е еднакво со правото на јавно здравје, па сега тоа е предмет на долга и исцрпна експертска анализа.
Е па, претседателот на Собранието Африм Гаши нека ги информира стручните лица од дома и од странство, од кои чека експертиза за амандманите со кои е закочен законот, дека кај нас и со постоечкиот закон се пуши и во болница.
Толку ли се плаши власта да воведе ред? Па луѓето некогаш сакаат ред.



