РАСПУШТЕНИ ПРВАЧИЊА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:74:"Претседателотнастрананаугостителите

    1. “Очигледно не можеме да собереме кворум. Веројатно на тоа влијае и почетокот на учебната година”, рече потпретседателот на Собранието Киро Поповски, оставајќи нé во тешко разјаснива дилема. Белким сите пратеници немаат дома првачиња, па токму кога требаше да се појават во Собранието мораа да им ги носат школските чанти на првиот час. Очигледно не се сите во тие годи­ни за да се занимаваат со седумгодишни деца, така што оваа варијанта што про­излегува од констатацијата на господинот Поповски отпаѓа.
    Втор заклучок што може да се изведе од образложението за одолжување на седницата е дека и самите пратеници се првачиња и дека на 1 септември беа детски возбудени. Што би значело дека тие допрва треба да учат. Од што произ­легува дека досега биле – неписмени.
    И таа теорија паѓа во вода, зашто на вратата од благајната беше напишано дека доколку не се одржи седницата, првачињата ќе земат само половина днев­ница. Освен тоа, токму тој ден почна да се зборува дека ќе ги распуштат. Кога тргнаа на училиште, кога побрзо ги распуштија. И тоа не доаѓа предвид. Сите знаат дека тие самите можат да си се распушатат. Под услов да соберат 61 глас. А тоа не  е можно, бидејќи тие веќе одамна се – распуштени. Само што тоа не го признаваат. Сакаат и натаму да бидат пратеници, а не распуштеници.

    2. Во главниот град на државата предизборната кампања се води по праша­њето на новото работно време на кафеаните, рестораните и локалите за забава. На отворањето на Клубот на СДСМ, што е партиски израз за кафе-ресторанот во близина на партиските простории, се појави претседателот Киро Глигоров. Веројатно и тој да протестира против декретот што го уби градот. Остана до после полноќ. Полицијата не се појави во 11 часот да ги разбрка гостите и да го изгасне светлото. Изгледа полицајците се исплашиле од тело­хра­ни­те­ли­те на претседателот. Така и Благоја Ханџиски, секретарот на партија­та, кој беше домаќин на гостите, спаси глава да не биде приведен во полициска станица, заедно со останатите скопски меанџии.
    Појавувањето на претседателот во ресторан, па макар и партиски, во четвртокот навечер благопријатно го почувствуваа и останатите кафеанџии во градот. Ја изгаснаа музиката на полноќ, а не во 11 часот. Којзнае, можеби Глигоров, иако во далеку поодминати години во однос на младата гарнитура на раководството на СДСМ, им ги истегнал ушите, сфаќајќи ја избирачката моќ на 2.700 скопски меанџии, уште два-три пати повеќе тамошни вработени, што на црно, што на бело, и којзнае уште колкумина гости на кои секоја вечер во 11 часот редот и мирот им го нарушува полицијата. А Бранко Црвенковски оди во Гевгелија.
    Чувствувам дека по кафеанското прашање повторно ќе дојде до раскол во владејачката коалиција. Носител на декретот е Министерството за стопанство, односно министерот Петруш Стефанов, кој е од редовите на либералите. А најнапаѓаната страна е полицијата, односно Фрчковски, од редовите на СДСМ. Па, ако се сфати глупоста на декретот (нека ми извинат, ама не знам како да го наречам оној дел од текстот што вели дека диско-клубовите работат од 18 часот (!!!) – танцување на зајдисонце, од работа право во диско), многу лесно СДСМ да ги обвини либералите. Настрана што и во редовите на Либералната партија уште еднаш се потенцира расколот. Еден од главните опоненти на декретот на министерот Стефанов е познатиот скопски кафеанџија Љупчо Николов­ски -Фуфо, кој токму како кандидат на либералите се наоѓа на чело на градската влада.

    3. Скопската ТВ станица “А1” во четвртокот ни ги прикажа главните кафеанџии во градот во полициската станица “Центар”. Таму имаат можност да се дружат откако ќе им ги затворат кафеаните. Од снимката можевме да видиме дека тоа било многу “популарно место после 11 часот. Ако продолжи вака, ќе треба да му смислат некое убаво име. На пример “Биг блу” (“Големо сино”). Или – “Син оркестар”. Само, како ќе реагираат станарите на блокот над станицата кога им го нарушуваат  мирот после 11 часот. Петруш Стефанов ќе се кандидира за пратеник од “Лептокарија”. Нема да може да се кандидира и во Центар.
    Така полицијата станува замена за сé. Бидејќи родителите им го преотста­пија воспитувањето на децата на кафеанџиите, а на овие тоа не им е работа, улогата на воспитувачи си ја презедоа полицајците. Еден ревносен воспитувач во скопската населба “Јане Сандански” минатата недела многу се налутил на невоспитано 14-годишно девојче и го казнил со истрел од пиштол. Девојчето лежи прострелано во рамо во Градската болница, а надлежните служви во МВР сé уште не се огласу­ва­ат официјално да го расветлат целиот случај. Белким не спаѓаат во воспитните мерки и пукањата со пиштол по малолетници?

    4. Дали српскиот владика Јован ја минал грчко-македонската граница во мантија? Или македонските погранични органи не им дозволуваат на српските свештеници да влезат во Македонија во мантии само кога доаѓаат од север? Бидејќи Јован бил во Грција и уште патем побарал во Битола да се види со владиката Петар, за него немало проблеми.
    Тоа мора да била приватна средба на двајцата свештеници штом не беше објавена во медиумите. Односно за неа дознавме од српскиот печат. Исто како што за преговорите на државата со Грција дознаваме прво од грчкиот печат. Јован изјавил дека од тој разговор добил впечаток дека МПЦ благонаклоно гледа на идејата за замрзнување на автокефалноста и за преговори за автономија. Од истиот печат дознавме дека такви преговори ќе се воделе во Женева.
    Архиепископот охридски и македонски г. г. Михаил го знаеме како еден од најжестоките говорници кога е во прашање идентитетот на македонскиот народ и автокефалноста на МПЦ. Затоа, нека ги пакува куферите и нека си доаѓа побрзо од Канада.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира