Десетици илјади верници, богати и сиромашни, моќни и бездомни, го исполнија плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан денеска за прогласувањето за светица на Мајка Тереза, ситната калуѓерка која се грижeшe за најсиромашните во светот и стана икона на католичката црква. Папата Фрањо ја прогласи за светица на утринската миса, правејќи од неа модел на Јубилејната година на милосрдието. За Фрањо, Мајка Тереза е олицетворение на неговиот идеал за црквата како милосрдна „теренска болница“ за најсиромашните и за тие што страдаат материјално и духовно.
На беатификацијата на Мајка Тереза во 2003 година присуствуваа 300.000 верници, но овојпат, пред се, поради безбедносен ризик по терориристичките напади во Европа, беа поделени 100.000 влезници за церемонијата. Дополнително, присутни беа 13 високи државни делегации, вклучувајќи ја и македонската, предводена од претседателот Ѓорге Иванов. Папата Фрањо покани и 1.500 бездомници кои имаа ВИП места на церемонијата и потоа ќе бидат почестени со ручек во Ватикан.
Церемонијата во Рим не е единствената со која се одбележува прогласувањето на Мајка Тереза за светица.
Во Колката, каде таа го помина животот, помагајќи им на сиромашните, имаше специјална миса во нејзина чест. Церемонии има Скопје, каде е родена Мајка Тереза, како и во Косово и во Албанија, поради нејзиното албанско потекло.
Родена како Гонџа Бојаџиу на 26 август 1910 година во Скопје, Мајка Тереза замина во Индија во 1929 година како сестра од редот „Лорето“. Во 1950 година го основа нејзиниот ред „Мисионери на милосрдието“, кој стана глобален ред на калуѓерки. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир.
Почина во 1997 година, а папата Јован Павле Втори, кој беше еден од нејзините најголеми поддржувачи, го забрза процесот за нејзино прогласување за светица и ја беатифицираше во 2003 година.