САМО 12 ОТСТО ДОВЕРБА ИМА СУДСТВОТО, А ОБВИНИТЕЛСТВОТО 13 ВО НАЈНОВОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА НДИ, НАПРАВЕНО ПРЕД ДА СЕ ПОБУНАТ ЗА ПЛАТИТЕ

    САМО 12 ОТСТО ДОВЕРБА ИМА СУДСТВОТО, А ОБВИНИТЕЛСТВОТО 13 ВО НАЈНОВОТО ИСТРАЖУВАЊЕ НА НДИ, НАПРАВЕНО ПРЕД ДА СЕ ПОБУНАТ ЗА ПЛАТИТЕВо делот на истражувањето насловено како „Главни причини за влошување на животот на граѓаните, има прашање: 'Според вас, која причина довела до промена на животот на граѓаните во нашата земја на полошо?', а според изјаснувањето на граѓаните, судството е втората причина, веднаш зад економијата. - Од седница на Уставен суд (архивска фотографија)

    Во опширното истражување на јавното мислење на Националниот демократски институт (НДИ) објавено во април, граѓаните, освен што се изјасниле само со 3 проценти доверба во судиите и во обвинителите, го истакнале судството како еден од најсериозните проблеми во земјава.

    Според резултатите од истражувањето, граѓаните го нарекуваат „Монти Пајтон судство“ и „Турска серија“. Се изјасниле дека државата има партизирано судство веќе 30 години, нема владеење на правото, дека законите не се спроведуваат или не важат подеднакво за сите и оти граѓаните се немоќни и незаштитени.

    Илјадници негативни коментари на социјалните мрежи со гневна, навредлива, па дури и вулгарна содржина, осуда и клетви предизвика побуната на судиите и на обвинителите против владината уредба како солидарност во справувањето со последиците од коронавирусот, за април и мај да земат минимална плата од 14.500 денари, како што ќе земат повеќето од вработените од приватниот сектор. Или, како солидарност со оние кои ќе ги изгубат работните места. Поднесоа иницијатива до Уставниот суд, а уставните судии кои исто така требаше да бидат на минималец, донесоа одлука да ги задржат и своите, и платите на судиите, обвинителите, пратениците, антикорупционерите, директорите…

    Многу судии и обвинители велат дека негативните реакции на социјалните мрежи им се нејасни. Делот од истражувањето на НДИ за рејтингот на правосудството кај нас, спроведено во февруари-март, пред да се побунат против солидарноста во борбата против КОВИД-19, може да им помогне да се разјаснат нејаснотиите.

    Само 3% од граѓаните се изјасниле дека целосно им веруваат на судиите и со 9% кои одговориле со фразата „им верувам“, едвај може да се сумира вкупно 12 отсто доверба на граѓаните во судството. Дури 70 % од анкетираните не му веруваат на судството, што е најниска доверба досега.

    Ни Јавното обвинителство не е ништо подобро. Има доверба само еден процент плус. Три отсто целосно им веруваат на обвинителите, 13 отсто се изјасниле дека им веруваат, а дури 62% се со недоверба кон обвинителството.

    И Антикорупциската комисија е тука некаде, само 18% од испитаниците ѝ веруваат, дури 57% не. Антикорупционерите први ја поздравија одлуката на Уставниот суд да им ги спаси платите на избраните и именуваните лица, вклучувајќи ги и нив, утврдувајќи дека немало конфликт на интерес.

    И за едвај неколкуте случаи што ги сработи Обвинителството за организиран криминал и корупција, во најновата анкета на американскиот НДИ само 6 отсто од граѓаните комплетно се согласиле дека македонските судови (Основниот суд Скопје 1 – Оддел за организиран криминал, Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд) навремено и на ефикасен начин ги решаваат предметите поврзани со организиран криминал и корупција. Единаесет отсто се изјасниле со „главно се согласувам“ и се сочинила доверба од само 17 отсто. Дури 64 % од испитаниците рекле дека судовите не ги завршуваат навремено и ефикасно постапките за организиран криминал и корупција.

    Само 6 остсто од граѓаните комплетно се согласиле дека македонските судови навремено и на ефикасен начин ги решаваат предметите поврзани со организиран криминал и корупција. – Извадок од истражувањето на НДИ

    Според анкетата, 65 отсто од граѓаните мислат дека има вмешаност и притисок врз правосудството од страна на сите политички партии. Додека, 62 отсто се изјасниле дека граѓаните немаат еднаков третман при судските процеси.

    Бидејќи граѓаните во најголем процент се изјасниле дека судството е еден од најголемите проблеми во државата, прашани се во истата анкета кој е виновен за тоа. Одговориле дека за катастрофалната доверба и низок рејтинг на судството и обвинителството виновни се: „сите политички партии, Владата која не направи реформи во судството, бизнис елити, корумпирани судии и обвинители и немањето контрола и отчетност на работата на судиите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира