ПОЧНА СО РАБОТА ИНИЦИЈАТИВАТА „НАУКА ЗА ДЕЦА“ СО НАУЧНИ ЕКСПЕРИМЕНТИ КОИ НАЈМЛАДИТЕ МОЖАТ ДА ГИ ПРАВАТ ДОМА

    ПОЧНА СО РАБОТА ИНИЦИЈАТИВАТА „НАУКА ЗА ДЕЦА“ СО НАУЧНИ ЕКСПЕРИМЕНТИ КОИ НАЈМЛАДИТЕ МОЖАТ ДА ГИ ПРАВАТ ДОМАИдејата за веб страницата „Наука за деца“ потекнува од група научници и наставници, но е отворена за сите. (Фото: #НаукаЗаДеца)

    Од денеска почна со работа веб страница naukazadeca.mk, која промовира научна култура и ментална фискултура кај најмладите. Идејата за веб страницата потекнува од група научници и наставници, но е отворена за сите, велат од иницијативата.

    „Наука за деца” е под покровителство на граѓанската иницијатива Кантарот (http://qantarot.blogspot.com), а на таа иницијатива се приклучи ОХО (www.oxo.org.mk) со цел да се даде поттикне дигиталната трансформација на македонското образование, и невладината организација ДИГ-ЕД (http://dig-ed.org) чија мисија е да се промовираат дигитални ресурси во образованието.

    „Коронавирусот нè натера сериозно да размислуваме за дигитализацијата на македонското образование. Во овој момент родителите разбираат дека децата имаат ограничено количество внимание во ситуација кога не се заедно со своите учители и соученици. Наставниците се свесни дека системот не е создаден да поддржува образование на далечина и дека наставните содржини треба да се прилагодат на новото време. Научниците имаат шанса да промовираат научна писменост меѓу најмладите, користејќи ги ресурсите кои се лесно достапни“, велат од „Наука за деца“.

    На „Наука за деца“, која може да послужи како извор на дигитални едукативни ресурси кои може директно да се искористат во наставниот процес, се споделуваат информации од три извори.

    „Во соработка со FuseSchool (https://www.fuseschool.org/) одбравме видеа од природните науки кои наставниците кои се приклучија на иницијативата ги анотираа и преведоа на македонски јазик. ОХО ќе ги искористи преводите за да ги синхронизира видеата на македонски јазик. Научниците кои се приклучија на иницијативата креираат описи на научни експерименти кои можат да се изведат во домашни услови. Конечно, ги повикавме и студентите (прво на Финки, но повикот е отворен за сите) да креираат кратки видеа со експерименти што се направени во домашни услови и споделени по социјалните мрежи со хаштагот #НаукаЗаДеца“, објаснуваат од иницијативата.

    Имаат план да преведат најмалку 100 едукативни видеа, а дополнително, ќе се имплементира можност за поставување на прашања поврзани со видеата, и одредување на местото на видеото каде што се наоѓа одговорот.

    „Се надеваме дека бројот на експерименти ќе расте, и дека голем број на научници, наставници, студенти и научни ентузијасти ќе се приклучат на оваа иницијатива. Нашата желба е да се појават што е можно повеќе дигитални едукативни ресурси и содржини на македонски јазик“, велат од „Наука за деца“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира