Пред почетокот на полицискиот час и пред ифтар, кога на верниците од муслиманска вероисповест им завршува дневниот пост и тие брзаат во своите домови, тетовските улици се преполни со автомобили и се создаваат големи застои во сообраќајот, а со тоа се зголемува и нервозата. Еден ваков нервозен тетовец вчера го извлече подебелииот крај бидејќи својата нервоза ја истурил врз полицајци, а тие, наместо да го приведат, среде плоштад почнале да го тепаат.
Според кажувањата на очевидци, тетовецот уште додека се движел со своето возило по главната улица постојано свирел со сирената и барал простор побрзо да помине. Патрола на СВР Тетово го сопрела возилото на градскиот плоштад околу 17 часот. Но, нервозниот тетовец одбил да се легитимира и почнал да се расправа со двајцата полицајци и да ги навредува. Место мирно да го приведат, полицајците почнале да се караат со него и да го тепаат. Ова било снимено од случаен минувач, а снимката била поставена на социјалните мрежи.
Настанот е потврден од СВР Тетово, од каде соопштуваат дека ќе преземат мерки против двајцата полицајци поради прекумерна употреба на сила.
„Во врска со видеоснимката која вчера околу 17 часот беше споделена на социјалните мрежи, на која се гледа физичка пресметка помеѓу полициски службеници и цивилно лице, Секторот за внатрешни работи Тетово информира дека ќе бидат преземени сите соодветни мерки и активности за целосно расчистување на случајот. Притоа, во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против полициските службеници е покрената дисциплинска постапка“, соопшти портпаролот на СВР Тетово Фатмир Реџепи.
Случајот е предаден на Внатрешната контрола за натамошна постапка.
З. АНДОНОВ