1. Најново хит-остварување во македонската филмска продукција е акционата драма “Крвав пендрек на вжештениот покрив”. Се работи за врвно остварување на овој жанр. Изобилува со сцени што ја “палат” публиката. Има доволно “расцветани” глави, скршени носеви, крвави лица, спуштени панталони… Супер препорачливо за помлади од 18 години. Копродуцентите на филмот, Љубомир Фрчковски и Владо Поповски, сосема сигурно ќе можат да сметаат на добар профит од продажбата.
Приказната почнува сосема наивно. Затворот “Идризово” е претставен како демократска оаза среде државата. Во главниот град се случува голем меѓународен настан, се собираат министри од дваесетина земји од Европа. Сé функционира како швајцарски часовник. Улиците се измиени, хотелите освежени со цвеќе, намештајот е обновен. Но дали баш сé е како што сакаат домаќините? Никој не предвидел дека четиристотини затвореници од најпознатиот затвор можат да се качат на ќерамидите. Не оди да се брукаме пред гостите. Ние сме демократска држава. Најдемократска во светот. Во која друга земја би им дозволиле на бунтовници во затвор да држат прес-конференција?
Министрите си заминаа. И почнува акцијата “Напад на Идризово”. Тука ѝ се дава шанса на државната телевизија да се извади што немаше снимки од настаните во Мала Речица. Полицијата преоѓа во напад, со асистенција на новинарите. Одлична забава за народ. Камерите отидоа дури до таванот. Потоа видовме како “коректно” беше задушен бунтот.
По неколку дена од едно соопштение дознавме дека поради некаква одлука на Уставниот суд, односно поради некоја празнина во Уставот, повеќе убијци се пуштени да се бранат од слобода. Тие немаат потреба да се качуваат по ќерамиди. Шетаат по улици, меѓу нас.
2. Грците пак ни направија беља. Овој пат со сценариото за преносот од доделувањето на “Оскар”. Пак ги обвинивме дека политизираат. Обвинувајќи ги нив, и ние се занимававме со политика. Накрај не беше битно дали “Пред дождот” ќе го добие “Оскарот”. Битна беше политиката. И ако го добиевме, повеќе ќе се радувавме – не дека сме го добиле, туку – за инает на Грците.
“Оскарот” го доби филмот “Изгорен од сонцето”. Што и не е лоша работа. Во филмот на Манчевски постојано песимистички се најавува: “Ќе врне, ќе врне…” Не сум го гледал рускиот филм, ама фино што му го дадоа “Оскарот”. Барем според насловот – повеќе сакам сонце отколку дожд. Според асоцијациите на Манчевски, поарно ич да не заврне. А со сонцето некако ќе излеземе накрај. Како кој. Некој ќе остане во сенка. А некој ќе се премачка со сите масла, па нема да изгори.
3. И министерот Стево Црвенковски, при неодамнешната посета на САД, на грчките новинари им рече дека очекува “Оскар”. Наместо “Оскар”, му стигна извештај на Бутрос Гали за Македонија, што не му се бендисува, па мораше да му праќа одговор. Гали нешто не ни ги признава изборите, нешто не му е јасно со пописот, сомнителна му е границата со Србија, грчкото ембарго го легализира и подзаборавил дека ни следуваат некакви компензации за штетите од спроведувањето на санкциите кон Србија и Црна Гора.
Министерот за извештајот дозна откако Гали го прочита пред Советот за безбедност. А јавноста уште нема дознато дали Република Македонија има своја постојана мисија во Њујорк? И ако има – што работи?
4. Во Атина веќе јавија дека добиле покана од Сајрус Венс за преговори со Македонија на 6 април. Кај нас уште не се знае дали некој ќе отпатува на преговорите.
Велат, проблемот бил во пенкалата. Треба убаво пенкало, ако се потпишува нешто во Њујорк. А во Скопје нема добар избор на луксузни пенкала.
Кога беше промовирана Владата, во декември минатата година, на сите министри им подарија пенкала со мастило. Сите пенкала се идентични. За да не се знае со чие е ставен потписот. Инаку, можат да се користат и оние евтини, пластични пенкалца, на кои Сојузот за Македонија ги испишуваше имињата на кандидатите за пратеници во предизборната кампања. Ама не оди со евтино пенкало, од таква сериозна работа во Њујорк да се прави евтина приказна. Најдобро е да се пронајде некое пенкало кое користи мастило што по извесно време побледува. За во иднина историчарите да имаат проблем да откријат кој потпишал.
5. Владата ги објави имотните листи на своите министри. Мене тоа ми личи на чиста демагогија, ама ајде… штом народот бара, нека му биде.
Единствено министерот Стево Црвенковски одбил да даде податоци. Што е најелегантен начин да се огради од целата лакрдија со малите плати и скапите нови автомобили, што наивно ѝ се сервираат на јавноста. Искрено, ми се допадна и неговиот коментар за телевизијата”А1″ зошто одбил да ја приложи на увид својата имотна состојба. Рекол дека тоа ќе го стори кога Владата ќе донесе одлука банките да ги објават имињата на оние министри и јавни личности што ги подигнале девизите и покрај забраната за нивна исплата.
Значи, Стево знае кои се тие луѓе. Ама, како по обичај – повторно ништо не кажува.