1. “Да беше власта во вселенска војна, ќе ја добиеше, ама со Унијата на независни синдикати – нема да ја добие”, изјави новата ѕвезда на синдикалната вселена Атанас Лефтеров, соопштувајќи ја “охрабрувачката вест за работните луѓе и граѓаните”: “Првата битка ја добивме убедливо!”. Се сомневам дека власта е баш толку подготвена за вселенска војна. Замисли и таму битките да ги води Атанас Лефтеров. За да го уништат, ќе треба да го пронајдат. Бидејќи е изгубен во вселената.
Она што требаше да биде генерален штрајк, најмалку личеше на војна на ѕвездите. Беше класичен земски двобој меѓу власта и опозицијата, во амбиент на очајници. Многу лесно е да се манипулира со очајни луѓе. Малку потешко е да се води политика. Синдикатот се зафркна што ја прифати поддршката на партиите. Партиите се зафркнаа што тоа што наумиле да го сторат го туркаа преку синдикатот. А власта може да ликува над опозиционите партии дека, ете, веќе не се кадарни да направат ни еден солиден митинг.
Во суштина не може да се зборува за победници. Ниту власта покажа дека ги разбира проблемите на очајните, ниту пак опозицијата покажа дека ја бива нешто да промени.
2. Просто ми падна жал кога го гледав претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски, како на телевизијата “А1” резигнирано го коментираше штрајкот и зборуваше за синдромот на предавство кај македонскиот народ. Тоа што на штрајкот, односно протестот, не излегле повеќе луѓе, според Георгиевски “зборува за менталитетот на луѓето од Република Македонија и лесната поткупливост на луѓето од Република Македонија”. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го искара народот, зашто му било добро со мали плати, со задоцнети пензии, со неисплатени девизи, а на крајот откри и една мала слатка тајна, зошто, меѓу другото, на плоштадот “Македонија” не се собрале многу луѓе. Според негови сознанија, токму тој ден во некои големи фабрики на работниците им делеле бонови за исхрана. Е, значи до каде оди поткупливоста, па да се симне на ниво на бонови… Со такви луѓе штрајк не се прави.
Долу народот, да живее Владата! Очекувам следниот митинг што ќе го организира Георгиевски да биде за сменување на народот. Ако и тоа не му успее, нека даде оглас: “Барам половина метро народ за митинг”. Или: “Менувам поткуплив за верен народ”.
3. Социјалната положба на луѓето во Македонија најсликовито ја опиша министерот-портпарол Ѓунер Исмаил, на прес-конференцијата по митингот. Тој рече дека социјалната ситуација не е толку црна, ама не е ни розова.
Тие што мешаат бои знаат дека црната и розовата, како и да ги смешаш, даваат – црна!
4. Вториот конгрес на СДСМ ја покажа монолитноста на партијата. Тоа беше многу важно, затоа што во претконгресниот период се зборуваше дека таму имало некои фракции, недоразбирања, дека биле скарани Тито и Црвенковски.
За претседател повторно е избран Бранко Црвенковски. Во најтесното раководство не влегоа Тито Петковски и Лазе Китановски. За да се зачува единството на партијата, направен е компромис: ни Тито, ни Лазо. Само Црвенковски.
За уште едно непополнето потпретседателско место Конгресот не им даде доволно гласови на Илинка Митрева и Ерол Хајретин. Во духот на монолитноста и безгрешноста, претседателот Бранко Црвенковски во ова најде “уште еден доказ дека се работи за квалитетни кадри”. Ако квалитетните кадри не добиваат доволно гласови, на која финта беа избрани другите двајца потпретседатели!?
5. Легендата е родена! Започна судењето на Фадил Сулејмани во Тетово. Кога само ќе ми текне колкумина знаеја за постоењето на некојси Фадил Сулејмани пред неколку месеци… А сега, дури и на “универзитетот” ќе му дадат име “Херој Сулејмани”. Нашла власта кого да апси! Нашле Албанците кој да им биде херој!
А судот пак нашол кого да повика да сведочи. Најлесно е за сведоци да се повикаат новинарите. Тие не можат да кажат дека не биле во Мала Речица, кога се потпишале под своите извештаи. Никој од нив не бил таму да гледа сеир. Што само покажува колку судот ја цени новинарската професија. Утре-задутре комотно некој може да одбие да даде интервју, ако знае дека подоцна новинарот може да биде повикан да сведочи против него.
Што е уште поинтересно, обвинителот за сведоци повикува новинари – Македонци, а одбраната повикува новинари – Албанци. А и едните и другите известувале од ист настан.