МИГРАНТ ОД ПАКИСТАН ПРЕГАЗЕН ОД ВОЗ ДОДЕКА СПИЕЛ НА ПРУГАТА КАЈ ВЕЛЕС

    МИГРАНТ ОД ПАКИСТАН ПРЕГАЗЕН ОД ВОЗ ДОДЕКА СПИЕЛ НА ПРУГАТА КАЈ ВЕЛЕСУште три лица биле во групата со загинатиот мигрант, но поминале без повреди (Фото: СДК.МК)

    Мигрант од Пакистан бил прегазен од воз рано утрово на пругата близу станицата Згрополци. Настанот кој се случил во 3:54 часот го потврди МВР.

    Локомотивата која возела кон Гевгелија го прегазила несреќниот мигрант, кој, според машиновозачот, спиел на пругата. Со него во групата биле и три други лица, кои спиеле во шанецот покрај пругата и поминале без повреди.

    „Повредениот имал скршеници и повреди на левата страна од телото, бил имобилизран и во тешка општа состојба префрлен во Општа болница во Велес“, информираше д-р Страхил Тодоров, портпарол на Здравствен дом Велес.

    „Пациентот удрен од воз бил во тешка состојба, со бројни повреди. Бил реанимиран, но неуспешно, по што е констатирана смрт“, изјави д-р Весна Николовска-Неделкова, портпаролка на Општа болница Велес.

    Железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Гевгелија бил во прекин до 6:35 часот поради вршење увид. Во времето на големата бегалска криза 2015-2018, околу 40 мигранти беа прегазени на пругата Гевгелија-Скопје.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира