МАСЛОДАЈНА СЕ ЖАЛИ ДЕКА ТРИ ГОДИНИ ЧЕКА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА НОВА ОПРЕМА, А НЕ ПОДНЕЛА ОСНОВЕН ПРОЕКТ

    МАСЛОДАЈНА СЕ ЖАЛИ ДЕКА ТРИ ГОДИНИ ЧЕКА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА ЗА НОВА ОПРЕМА, А НЕ ПОДНЕЛА ОСНОВЕН ПРОЕКТРаководството на Маслодајна и градоначалникот на општината се со спротивставени ставови за тоа кој ги сопира инвестициите во фабриката, која брои 180 вработени. (Фото: СДК.МК)

    Велешка Маслодајна се жали дека три години чека да добие градежна дозвола за да се инсталира нова опрема, од локалната власт објаснуваат дека тие чекаат инвеститорот да достави основен проект. Раководството на Маслодајна и градоначалникот на општината со спротивставени ставови за тоа кој ги сопира инвестициите во фабриката, која брои 180 вработени.

    „Вложени се три милиони евра во најнова опрема за производство на масло и маргарин од светски познатата компанија Свесхал која е бр. 1 во светот, а ние немаме добиено градежна дозвола која ја чекаме три години. Досега не е завршена инвестицијата оти немаме дозвола. Со оваа опрема ќе се зголеми производството, ќе има почиста животна средина и поквалитетен производ“, рече Олгица Стојанова директор на производство во ПИ Благој Ѓорев.

    На прозивката веднаш одговорија од локалната власт.

    „Архитектонско- урбанистичкиот проект е одобрен на 25 октомври 2019-та година, идејниот на 11-ти декември 2019-та. Се уште до денес, ПИ Благој Ѓорев нема доставено основен проект за да добијат одобрение за градење. Не може било кој, без основен проект одобрен од одделението за урбанизам, да очекува да добие одобрение за градба. Не може да се набави опрема па да се бара одобрени за градба, туку процесот е обратно. Тие се сами виновни што започнале обратен редослед на нештата“, изјави градоначалникот Коцевски.

    На прес-конференцијата, раководството на ПИ „Благој Ѓорев“ одговори и на прашањата за проблемите кои велешани долго време ги мачат а се резултат на работата на капацитетот. Зошто секојдневно од оџакот на фабриката излегува црн или бел густ чад, и зошто и по шест години, од 2014-та кога е започната постапката за добивање на „Б“ интегрирана еколошка дозвола за фабриката, таа не е добиена.

    „Чадот што излегува од оџакот е резултат кога се пали котел, кога се проба, кога се реновира, кога се поправа. И дозволено е 15 секунди по неговиот старт, тој облак да се создава. Постапката за „Б“ еко дозвола ја започнавме од 2014-та година. Имавме две барања до ЈКП Дервен, за користење на бунарска вода, што ни беше позитивно одговорено и го добивме во април месец годинава. Баравме и дозвола за испусно-отпадна вода од ЈКП Дервен, да склучиме одговор, но одговор засега нема“, одговори Стојанова.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира