ТРПЕ И МУДЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:101:"Државникотповикуванаодважност:Ајде,јајцатанадвор!

    1 Кабинетот на премиерот Бучковски му одговори на претседателот Црвенковски кој побара и Македонија да воведе визи за граѓаните од Косово. “Не треба да се затвораат вратите со Косово”, рекле во кабинетот, оти “трпеливоста е особина на мудрите”.
    Во 1999 година бевме трпеливи со 300 илјади бегалци од Косово. Мудро се си плативме, а други си наплатија на наша сметка.
    Во 2001 година, бевме трпеливи со бандидите од шумите, додека мудро не ги внесовме во владата.

    2 Ние сме трпелив народ. Не за џабе главниот јунак во вицовите за Македонците е Трпе. Ама бидејќи Трпе во процесите на евроинтеграција и имплементирање на стандардите на НАТО добил и особина на мудрец, во новите вицови ќе го ставиме и ликот Муде.
    Бучко и Бранко ни се како Трпе и Муде. Бучко вели треба да се стрпиме, а Бранко се петели: “Да го видам кој ќе биде тој маж што ќе прифати промена на името на државата”.
    Државникот повикува на одважност: “Ајде, јајцата надвор!”
    Христос воскресе. Вистина воскресе!

    3 Владата донела одлука да се воведат пасоши за деца оти некој ставал и по 12-13 имиња на деца во пасошот.
    Не го наоѓаат тој што запишува 12 деца, ама затоа нам што не ги шверцуваме запишаните ќе ни го комплицираат животот. Затоа што некој традиционално шверцува деца, ние обичните, нетрадиционалните, ќе мораме да плаќаме секои две години за нови пасоши, нови визи, нови осигурувања…
    Се ти е тоа едно, па исто, Затоа што некој традиционално гласа еден за цела фамилија, ние не можеме да направиме европски избори. Затоа што некој традиционално шверцува оружје и дрога, ние не можеме да патуваме без визи.
    И пак тие “традиционалните” се угнетени, со загрозени човечки права, а ние што им ги плаќаме даноците – угнетувачи.

    4 Вицепремиерката Радмила Шеќеринска рече дека и на дополнителните 180 прашања од ЕУ “ќе дадеме висок квалитет на одговори, како и до сега”.
    Ако одговорите се квалитетни како и до сега, можеме да очекуваме уште дополнителни прашања.

    5 Исто како што Рада дава квалитетни одговори и Никола Поповски прави квалитетна денационализација. Тој вели дека 2004 година била најуспешна, без разлика што околу 90 отсто од решенијата се обжалени на второстепена комисија. Виновни се наследниците, кои вообичаено се незадоволни од првостепените решенија на Министерството за финансии.
    денационализација.
    За Никола денационализацијата би била уште поуспешна ако ги нема и тие 10 отсто што не се жалеле. Не враќаш никому ништо и – денационализацијата е 100 отсто успешна. Така што не се виновни само оние што бараат државата да им ги врати одземеното. Уште повиновни се предците што им оставиле наследство.

    6 Како што на Никола Поповски му се виновни наследниците што си ги бараат имотите, така и на директорот на Фондот за здравство Никола Пановски му се виновни болните што трошат пари за лечење.
    Најбезобразни се оние што добиле рак. Оти најмногу трошат. Професорот Пановски вели дека од проработувањето на акцелераторот до денес се зрачеле 1000 пациенти, кои истовремено биле лекувани со цитостатици.
    Замислете ја вие таа дрскост од која на професотот Пановски му се дига косата на главата. Малку им е што се разболеле од рак, малку им е што се зрачеле, па уште и цитостатици примале!? Мајката… Да не сакале и лекови против болка да им даваат.

    7 Во зградата на Европската комисија во Брисел имало две сауни. Тие биле направени во времето кога Шведска и Финска станале членки на ЕУ. Сакале комесарите од овие две земји да се чувствуваат како дома.
    Што ќе направат Европејците кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, за и нашите претставници во Брисел да се чувствуваат како дома? Ќе стават еден преполн отворен контејнер со ѓубре и ќе вработат некој што редовно ќе плука во лифтовите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира