1 Министерот за култура Благоја Стефановски се закани дека ќе поведе постапка за уривање на споменикот на Скендербег што пред неколку дена почна да се гради во Скопје.
Ај нека ми кажат некој нов виц. Овој сум го слушнал многу пати до сега. А не е ни смешен.
Во Министерството за култура велат дека со изградбата на споменик на Скендербег се кршеле четири закони – за меморијални споменици, за културно наследство, за просторно планирање и за градење на обележја. Почитуван е само еден закон. Законот на посилниот.
2 Албанците од Македонија до сега и подрастично покажаа дека се подготвени да кршат закони за да си ја одбележат историјата додека им трае националниот романтизам.
Не е проблем што имаше албанско знаме големо колку цела стоковна куќа. Не е проблем што не знаеме ни колку време го шиеле? Проблемот е што Македонците за истата работа не само што не се подготвени да скршат закон, туку не се подготвени ни да ги спроведат.
Како може некој да се чуди, па и да се нервира на големината на албанското знаме, а не се чуди и не се нервира што крстот на Водно свети како исколван од чавки и се гаси по полноќ оти нема кој да ја плати струјата. Како никој не се изнервира што четири години по војната се уште не може да се најде локација за споменик на загинатите бранители. Има некој вечен оган во кругот на МВР, ама тој е вечно изгаснат оти нема пари за плин!
Албанците се виновни за се, па и за тоа што си ја заборавивме историјата. Петнаесет години и додека бев во Вечер и откако сум во Вест прашувам: Зошто македонското знаме не се вее на кулата на Кале, како што државните знамиња се веат на тврдините во сите главни градови на нормални држави? Одговорот е дека ќе се изгубела автентичноста на тврдината.
Е па нека го стави некој знамето, па после министерот за култура нека поведе постапка за симнување. Тоа веќе би било виц на кој што може и ќе се насмееме.
3 Министерот за здравство Владо Димов беше на журка против СИДА и на влезот во диското му подарија кондом.
Во Македонија еднаш годишно се делат кондоми. А три пати годишно децата болни од рак остануваат без цитостатици. И тоа не затоа што лековите не може да се набават или дека нема пари, туку затоа што директорите на Детската клиника и на Клиничкиот центар забораваат да ги нарачаат. А министерот таа заборавност ја толерира.
Џабе му е на Димов кондомот. Тој не му дава стопроцентна заштита. Ден пред журката за сида во центарот за дијализа во Скопје падна таванот и повреди пациент и сестра. Наместо кондом, на министерот требаше да му дадат шлем.
По паѓањето на таванот министерот и директорот на Клиничкиот центар Андреа Арсовски го посетија центарот за дијализа. Стручно го гледаа таванот и решија да направат реконструкција. Само не знаат дали да го санираат, или само да го потпрат со балвани. Тоа е клучната дилема на реформите во здравството. За да не се случи во иднина ваква несреќа, за таваните ќе се грижат балвани.
Во Македонија ризикот да добиеш сида е се уште помал отколку да ти падне таван на глава или, не дај боже, да ти умре дете оти нема цитостатици.
4 Со реформите ќе се менува и принципот по кој ќе се плаќа за новороденче. Семејствата во кои месечно влегуваат над 20.000 денари ќе добијат по 150 денари.
Власта изгледа смета на логиката дека тие се богати, па нема ни да ги земат 150-те денари што им следуваат. Па така, парите ќе си останат непотрошени и убаво ќе им дојдат за некои избори.
Родителите не смее да се откажуваат од тие пари. Кој знае, можеби тие 150 денари ќе бидат првото и последното нешто што бебето може да ги очекува од државата во целиот живот.
5 Јавниот обвинител Александар Прчевски се прибра дома. Сега ќе ги резимира искуствата од земјите во кои патуваше.
Ќе биде интересно што ли ќе искористи од посетата на Катар. Што научил таму? Дека на крадците им ја сечат раката, а курвите ги каменуваат.
Катарското искуство ќе ја осиромаши Македонија. И кадровски и материјално.
Прво, власта ќе остане без раце. И второ – нема толку камења колку што има курви. Ама не по професија, туку по карактерна особина.