ПРЕДМЕТ НА СЈО СО ЗВУЧНИ ИМИЊА УСНО БЕШЕ РАСПРЕДЕЛЕН КАЈ СУДИЈКАТА ТАТЈАНА МИХАЈЛОВА ПО НАРЕДБА НА ПАНЧЕВСКИ, СВЕДОЧЕШЕ СЛУЖБЕНИЧКА ОД КРИВИЧНИОТ СУД

    ПРЕДМЕТ НА СЈО СО ЗВУЧНИ ИМИЊА УСНО БЕШЕ РАСПРЕДЕЛЕН КАЈ СУДИЈКАТА ТАТЈАНА МИХАЈЛОВА ПО НАРЕДБА НА ПАНЧЕВСКИ, СВЕДОЧЕШЕ СЛУЖБЕНИЧКА ОД КРИВИЧНИОТ СУДАдвокатите на Панчевски побараа изземање на судијката Ѓорѓиевска, на претседателот на Основен суд Велес и изземање на судијката Тања Милева од Апелација, ако предметот дојде кај неа и изземање на Основен суд Велес како надлежен. (Фото: СДК.МК)

    Поранешниот претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски, сега разрешен судија, не се чувствува за виновен за кривичното дело, за кое му се суди во Основен суд Велес. На прашањето од судијката Валентина Ѓорѓиевска да се произнесе дали се чувствува виновен или не, обвинетиот одбиваше да одговори. Тврдеше дека не го разбира за да се произнесе, но на третото прашање дали се чувствува виновен или не, Панчевски кратко одговори „Не“.

    На Панчевски му се суди за злоупотреба на службената положба и овластување за влијание врз начинот на електронската распределба на предметите што доаѓале во судот на одлучување. Според обвинението, Панчевски со ставање на писмен параф од негова страна и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот.

    Претходно, судијката го прочита известувањето од Врховен суд дека на 25 јули, во просториите на КПУ затвор „Скопје“, на обвинетиот Панчевски му било врачено на раце, решението со кое се одбива неговата жалба и се потврдува одлуката на Судски Совет, дека тој е разрешен од функцијата судија. По ова, главниот процес продолжи со сослушување на сведоци. Прв сведочеше судијата од Врховен суд Стојанче Рибарев, кој во периодот од март до ноември 2017 беше в.д. претседател на Основен суд Скопје 1.

    „Во време додека бев в.д. претседател не се изврши проверка на работа на АКМИС системот во периодот кога претседател бил Панчевски. Имаше две писмени обраќања на судијките Весна Димишкова и Славица Андреевска за тоа дека предмети се делеле на рака, не електронски. За тоа дека предмети се добивале надвор од утврдениот редослед, од овие две судијки, писмено бил известен и Судскиот совет“, кажа Рибарев.

    По него сведочеше судскиот референт од одделението за кривичен совет, Снежана Чапканоска. Таа кажа дека во тие неколку месеци додека била во ова одделение добивала предмети, каде имало параф на Панчевски, на кој судија да му се доделат. Тие биле на насловната страна или внатрешната од предметот. На ова нејзино сведочење, обвинетиот Панчевски ја праша дали имало и претходно таква искуства, со други претседатели, на што таа одговори потврдно.

    По неа сведочеше службеничката Љиљана Спасовска, која како сведок на обвинението даде два различни исказа на денешното рочиште и во истрага, по што беше прогласена за „непријателски сведок“, па беше вкрстено прашана од обвинителката Цветанка Богоевска. Спасовска ја потврди изјавата дадена во истрага, дека предмет меѓу првите добиен од СЈО, со звучни имиња, усно бил распределен кај судијката Татјана Михајлова.

    „Јас и колешката реагиравме кај шефицата, зошто предметот да се распредели кај таа судијка, и ни беше одговорено дека тогашниот претседател Владимир Панчевски така наредил“, рече Спасовска.

    Михајлова го судеше случајот на СЈО за насилствата и шамарите во Општина Центар до декември 2017, кога беше префрлена од организиран криминал во прекршоци.

    Последен за денешното рочиште беше сослушан актуелниот претседател на Основен суд Скопје 1, Иван Џолев. И додека претходните сведоци со вкрстени прашања беа прашувани од обвинетиот Панчевски, Џолев го прашуваа адвокатите. Бранителот Петро Јанура повеќе се интересираше и прашуваше дали Панчевски е уште судија на Основен суд Скопје 1, што беа отфрлени, бидејќи не биле поврзани со обвинението. Тој дури реагираше и на одговорот од сведокот во вакви односи е со обвинетиот, на што Џолев рече дека не е скаран.

    „Судијке цела Македонија знае дека се скарани, зошто вака тврди сведокот“, рече адвокатот Јанура, на што судијата Ѓорѓиевска кажа дека не можат да влијаат на перцепцијата на сведокот во какви односи се.

    Судијката мораше во неколку наврати да им го цитира постојниот Закон за кривична постапка на бранителите на Панчевски, кој е во примена од 2013 година. Адвокатот Горан Ѓорѓиевски побара да се соочат обвинетиот Панчевски и сведокот Џолев, а Јанура по сослушувањето на денешните сведоци, ги понуди сведоците на одбраната. Судијката Ѓорѓиеска ги потсети дека со новиот ЗКП нема соочување и дека сведоци одбраната посочува пред почеток на главниот претрес. Овие отфрлања ги налути адвокатите, па тие побараа изземање на судијката Ѓорѓиевска, на претседателот на Основен суд Велес и изземање на судијката Тања Милева од Апелација, ако предметот дојде кај неа и изземање на Основен суд Велес како надлежен.

    „Се чувствува нетрпеливост кон обвинетиот Владимир Панчевски во Основен суд Велес“, рече адвокатот Јанура.

    Барањето за изземање на Основен суд Велес како надлежен претходно се изјаснила и Апелација и Врховен, а за изземање на судијката која го работи предметот Ѓорѓиевска, претседателката на Основен суд Велес Лидија Димов, а и на судијката од Апелација Милева според законот може да се одлучи во рок од три дена а предметот да продолжи да се работи. По ова, ново рочиште е закажано за утре, вторник во 11.30 часот. Ќе се сослушуваат четворица сведоци на обвинителството.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира