НЕМАМЕ ЛУЃЕ, НЕ СМЕ ПОВРЗАНИ СО ИНСТИТУЦИИТЕ, НЕМАМЕ СОФТВЕР, ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА НЕ НИ ОДГОВОРИ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА ЗА ПРОВЕРКАТА НА ИМОТОТ НА СУДИИ

    НЕМАМЕ ЛУЃЕ, НЕ СМЕ ПОВРЗАНИ СО ИНСТИТУЦИИТЕ, НЕМАМЕ СОФТВЕР, ФИНАНСИСКА ПОЛИЦИЈА НЕ НИ ОДГОВОРИ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА ЗА ПРОВЕРКАТА НА ИМОТОТ НА СУДИИВо декември минатата година, Антикорупциската комисија најави дека во 2020 година ќе го проверува имотот на судиите и обвинителите. - Принтскрин од тогашната објава (Фото: СДК.МК)

    Претседателката на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска вели дека проверката на имотната состојба на судиите оди со забавено темпо затоа што имаат мал број на вработени, не се поврзани со други институции и немаат софтвер со кој ќе можат да вршат објективен избор на судии за проверка, во реакцијата на текстот „Антикорупциска не го провери имотот на судиите и за тоа го обвини Судскиот совет, а Здравев им кажа како можат сами тоа да го сработат и да не се вадат на него“, објавен вчера на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „Податоците кои се споделени со новинарот се дадени во насока на појаснување зошто проверката на податоците од анкетните листови оди со забавено темпо и поради кои причини ДКСК не е во можност да постигне подобри ефекти во однос на истото (мал број на вработени, необезбедено поврзување со други институции, непостоење на софтверски решенија со кои ќе може да се врши објективен избор на судии за проверка). Изнесените заклучоци се ставови на новинарот, а не на одговорни лица од ДКСК“, вели Ивановска.

    Понатаму, Ивановска вели дека не се задоволни од податоците што ги добиле од Судскиот совет.

    „Точно е дека од Судски Совет на РСМ побаравме да ни достават податоци за секој судија а се однесуваат на: број на предмети во работа за последните 2-3 години, број на решени предмети по судија за секоја година, број на заостанати и застарени предмети, број на предмети за кои по жалба пред повисок суд донесени се различни одлуки од претходно донесените, број на доставени поплаки за судиите до Судски совет итн. се со цел врз основа на тие податоци да извршиме објективен избор на судии кои ќе бидат опфатени со годишниот план за проверка. Податоците кои ги добивме од Судски совет не ги задоволија нашите очекувања, но тоа не значи дека ДКСК отстапи од својот план и не врши проверка на податоците од анкетните листови на дел од судиите“, вели Ивановска.

    За проверката на анкетните листови на поранешните претседатели на судови Јово Вангеловски и Владимир Панчевски, на експретседателката на Судскиот совет Александра Зафировска и други, Ивановска вели дека сè уште немаат добиено одговор од Финансиска полиција.

    Антикорупциската комисија, вклучувајќи ја и претседателката Билјана Ивановска, беше избрана пред година и пол, поточно на 8 февруари 2019. Во декември минатата година, Антикорупциската комисија најави дека во 2020 година ќе го проверува имотот на судиите и обвинителите.

    „Судиите и јавните обвинители ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба за 2020 година“, се вели во соопштението на Антикорупциската комисија од 2 декември 2020 година.

    За делот од текстот објавен вчера на САКАМДАКАЖАМ.МК „Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека проектот со испитување на имотната состојба на судиите пропаднал и за тоа го обвини Судскиот совет“, Ивановска вели дека е неточно и дека не станува збор за став на претседателката на Антикорупциска, туку заклучок на новинарот.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира