БИГ БЕН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Себудамливонеделасабајлесомисладасибарамќотек?

    1 Дали пред да дава изјава, советниците на премиерот Груевски му кажале какво соопштение издале и Белата куќа и Стејт департментот за неговите средби со потпретседателот на САД Џозеф Бајден и со државниот секретар Хилари Клинтон? И, ако му кажале, како премиерот мислел дека ние ќе ги игнорираме американските соопштенија, а ќе ја слушаме само неговата изјава? Колку за да се усогласат, да не ја збунат јавноста.
    Оти за разлика од нив, Белата куќа и Стејт департментот се усогласиле. Единствената разлика е тоа што Бајден “ЈА ИСТАКНАЛ ВАЖНОСТА што САД ја даваат на владеењето на правото, слободата на независните медиуми и добрите меѓуетнички односи во Македонија”. А Хилари Клинтон “ИСКАЖАЛА ЗАГРИЖЕНОСТ ЗА ТРЕНДОВИТЕ во врска со владеењето на правото, слободата на независните медиуми и цивилното општество”.
    Кога почна премиерот да набројува за “прогресот во делот на економијата, образованието, судството и јавната администрација”, па уште кога им раскажал за невидениот раст на економијата и како сме напреднале од четврти во трет реформатор во светот, па уште кога ги збунил и со листата на Транспаренси интернешнл, кај Бајден и кај Хилари се запалило црвеното светло. Затоа и кажаа дека Америка е загрижена. Како тргнала Македонија со реформите, ќе ја престигне и Америка. И сега ќе н запрат.
    Можам да замислам со каков интерес Бајден ги слушал премиерот, министерот за надворешни работи и амбасадорот, кој е и преговарач за името, како му раскажуваат за реформите во образованието во Македонија. Отишле дури до Вашингтон да му изложат “неколку детали” околу таа работа. Оти сигурно Бајден нема поим дека американската амбасада во Скопје даде пари за да се сменат плочките во клозетите и прозорците во стотина училишта низ Македонија. Тоа ти се вика стратешко партнерство.
    Во изјавата Груевски не спомена дали во Вашингтон им се пофалил дека наскоро ќе стигнат и автобусите на Миле од Украина. Белким не заборавил и тој битен факт да им го каже на Бајден и на Клинтон.
    И после се чудиме зошто оваа Влада толку долго не добива термин за средба со американската администрација. Затоа што нема што да им каже.

    2 Не е само Хилари загрижена за владеењето на правото и независноста на медиумите во Македонија. Еве и јас сум загрижен. Дури и повеќе од неа. Оти таа не може ни да помисли дека заменикот на шефот на полицијата во Вашингтон среде ноќ ќе земе казма и ќе урива објект во градба. Па макар објектот му личел на црква, а тој е муслиман.
    Тоа нам ни се случува. Заменик-министерот за внатрешни работи Џеват Бучи е толку силен што кога нешто не му се допаѓа зема казма и урива. И тоа се вика владеење на правото.
    Портпаролот на МВР Иво Котевски изјавува дека за насилното влегување на градилиштето и насилното уривање нема осомничени затоа што “никој не пријавил штета”. И тоа е владеење на правото.
    Кога се случи тепачката меѓу верниците, специјално опремени за верски обред, со качулки на главите и ножеви во џебовите, заменик-министерот Бучи самиот ги ослободуваше од лисиците тие што полицијата ги имаше приведено. И тоа е владеење на правото.
    Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска го оправда нејзиниот заменик затоа што “тој ги ослободува оти веќе биле идентификувани од полицијата”. Е и тоа е владеење на правото.
    Затоа внимавајте! Ако треба полицијата да види кој сте, веднаш става лисици на рацете. Па доаѓа заменик-министерот и ве ослободува. Оти така му се може. И оти не одговара пред никого, туку само пред лидерот на партијата.
    Токму затоа јас сум многу позагрижен од Хилари Клинтон и за меѓуетничките односи и за владеењето на правото. Затоа што кај нас кога на една етничка заедница нешто не и се допаѓа, тие или вадат пушки и одат во планина, или земаат казма и уриваат. А Американците тоа го премолчуваат. Затоа што ги имаат засекогаш убедено дека ние тука ги угнетуваме Албанците. И затоа што така им одговара.

    3 Ај тој заменик-министерот си брка своја работа. И премиерот што решил на Калето да гради музеј што личи на црква, си брка своја работа.
    Ама ние што правиме? Се будам ли во недела сабајле со мисла да си барам ќотек?

    4 Одвај чекам да дојде јуни. За да ја нападнеме Англија. Сега кога е најавено дека од Скопје до Лондон ќе се лета за само 35 евра, можам да замислам колку луѓе веќе чекаат со спакувани куфери.
    Ќе нема места во авионот од тутунарите, од лозарите, од млекарите, од стечајците, од таксистите, од задоволни и незадоволни пациенти, од задоволни студенти и незадоволни професори…
    Мала пречка е што визата за Англија чини 100 фунти. И за неа требаат едно чудо документи. Така што откако ќе изиграат оро пред амбасадата за да ја добијат визата сите овие луѓе желни да го видат Лондон ќе се качат во авион.
    Кога ќе стигнат во Лондон ќе видат дека Биг Бен е саат. И дека веќе поминал 12 саатот. А пет до дванаесет веќе заборавивме кога беше.

    5 Како тече разговорот меѓу двајца македонски бизнисмени?
    – Ај што никој не ми плаќа, не ми плаќа. Кај сите ми должат, ми должат. Туку што правам што не доаѓа никој нов, за да ми должи?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира