ДУПКА ВО ВОДАТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:44:"Сеенивно,апаритенаши

    1 По повод Денот на здравјето, активистите на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ возеа велосипеди покрај Вардар. Повеќето се вработени во државните институции, и бидејќи се возеа среде работно време, еден злобен репортер на ТВ Алфа ги праша како смееле да го напуштат работното место. Една згодна ВМРО-вака одговори дека нејзините колеги се на пауза. Арно ама, злобниот репортер им мереше време и инсистираше дали младите ВМРО-вци што работат во државните установи имаат пауза од половина час или час, на што активистката подготвено одговори: “На ваков убав ден, нема потреба за такви разговори. Еден е Денот на здравјето, еднаш е во годината, и треба да се одбележи”. Како да ги примиле нив на работа за да одбележуваат денови на здравство и разни други денови, а не да бидат во служба на граѓаните на нивните работни места.
    Потоа згодната политичарка поентираше: “Возевме ролерки и велосипеди по патеката што НИЕ ја направивме, поминавме покрај арената ‘Филип Втори’ што НИЕ ја направивме и стигнавме до салата ‘Борис Трајковски’ што НИЕ ја направивме”.
    Се е нивно, а парите наши.
    Со кои пари вие сте ги направиле тие работи, млада дамо? Додека вие се возевте, НИЕ што сме дале пари за тоа што сте го направиле сме дремеле пред некој шалтер. Сме чекале да се вратите, да ја пресоблечете партиската маичка за да ни завршите работа оти НИЕ ве плаќаме.
    За први април, пак, вработени во Министерството за одбрана шетаа преправени по центарот на Скопје. Тие не биле на пауза. Министерот Коњановски рече дека користеле слободен ден. Го одбележувале Денот на шегата.
    И после ќе ни пуштаат реклами за ефикасна државна администрација, која нема да не шета од шалтер на шалтер и ќе ни ја заврши работата за три дена. Не е ни да им се лутиш на луѓето. Гревота се. Што попрво да направат. Дали да возат велосипеди, да се преправаат во палјачовци, да протестираат како задоволни тутунари и задоволни пациенти, или да ти завршат работа? Додека тие се прават креативни, само уште повеќе ни докажуваат како тие ја сфаќаат јавната служба. Не како сервис на граѓаните туку како сервис на партијата.

    2 Вчера имаше три протести пред Владата. Се собраа ловџии, негувателки од детски градинки и дипломирани криминолози. Три во едно.
    Ловџиите од Струга протестираат оти концесијата на ловиштето му е дадена на ловџиско друштво од Вевчани. Обвинуваат дека другите ловџии биле ВМРО-вци. Негувателките од градинките од Карпош протестираат оти нив не ги примаат на постојана работа. Обвинуваат дека решенија добиваат само ВМРО-вци. А криминолозите што завршиле Полициска академија обвинуваат дека наместо со нив, МВР се обновува со други кадри кои се по препорака на партијата.
    Што да се каже за земја во која дури и ловџиите се поделени на наши и ваши.
    Што да прават оние 40 до 50 отсто неопределени што не сакаат да бидат ни наши ни ваши? Како да си помогнат? Нека возат велосипеди и ролерки. И нека плаќаат даноци.

    3 Вчера беа избрани нови членови на антикорупциската комисија. Се дигна џева оти меѓу членовите е и еден туристички работник. Тоа не е ништо спорно. Ако може Мане Јаковлевски, како познат кафеанџија, да го предложат да биде во управата во Телеком, за амбасадор во Анкара да се испрати поштар, во Министерството за култура да се прими стоматолог, во кабинетот на претседателот Иванов да вработат биолог, а за директор на Охридско лето да се подготвува цариник, тогаш Антикорупциска дури и добро поминала.

    4 До 5 јуни не знам до каде ќе оди премиерот со свечените настапи и сечењето ленти. Откако камерите го чекаат половина час да пресече лента на тезга за книги на плоштадот Македонија во Скопје, се прашувам дали денеска во Охрид ќе фрли камче во Езерото. Треба да викне камери да го овековечат и тој успех на Владата. Затоа што направил во водата дупка.

    5 Шведскиот амбасадор во Македонија Ларс Валунд минатиот викенд го собра семејството, стави пластични ракавиции отиде да го чисти Градскиот парк во Скопје. Рече: “Оваа земја е прекрасна, но е валкана и затрупана со ѓубре”.
    На човекот му пречи ѓубрето, и реши да го исчисти. Нам, очигледно, не ни пречи. Затоа не го ни чистиме.
    Од странците чекаме да ни го решат проблемот со името, да ни направат реформи во судството, да се изборат за слобода на медиумите, да ги седнат на иста маса власта и опозицијата, да ги натераат пратениците да мислат на интересите на државата, да ни ги реновираат тоалетите во училиштата, да ни го заштитат културното богатство. Само не знам како мислиме да направиме нормална држава кога од странците чекаме и ѓубрето да ни го исчистат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира