НА +40 И ВО ДРУШТВО НА ЗМИИ, СЕ БЕТОНИРА СВЛЕЧИШТЕТО НА КАРПАТА ЦУЦКА КАЈ ВЕЛЕС

    НА +40 И ВО ДРУШТВО НА ЗМИИ, СЕ БЕТОНИРА СВЛЕЧИШТЕТО НА КАРПАТА ЦУЦКА КАЈ ВЕЛЕСВо изведбата на градежните работи активно се вклучени четворица алпинисти (Фото: СДК.МК)

    Привршува санацијата на карпата Цуцка и на свлечиштото на влезот во Велес од правец на Градско. Таа започна во средина на април, а изведувачот најавува дека до крајот на месецов ќе завршат градежните работи, што е порано од рокот кој беше даден, крајот на октомври. Во изведбата на градежните работи активно се вклучени четворица алпинисти, кои работат на поставувањето на мрежата, односно анкерисувањето.

    „На ова жешко време, друштво по карпите ни прават змиите. Ни малку не е лесно да се искачуваме и работиме на +40 во сенка, со шлемови“, вели Игор Сакалиев.

    Зафатите на карпата треба да завршат еден месец пред предвидениот рок (Фото: СДК.МК)

    Бидејќи деновиве се работи на пругата, железничкиот сообраќај на релацијата Велес-Гевгелија и обратно е запрен од 8 до 16 часот.

    „Деновиве вршиме торкетирање на бетон на долниот дел од свлечиштето, кој е на ниво под регионалниот пат. Потоа продолжуваме со уште еден дел од карпата, над патот. Работи кои потоа треба да се извршат се изработка на одводен канал за вода со бетонски ивичњак и асфалтирање на оваа делница. При рушењето на карпите се поставуваа анкери кои се длабоки и до шест метри. Врз тие анкери се поставени мрежи, по што се вршеше двократно бетонирање и поставување на еластични мрежи. Така се спречува натамошно паѓање на камења од карпата. Поставена е бариера за заштита од одрони со минимум кинетичка енергија на апсорпција од 1.000 килоџули“, кажа Блажо Петров, градежен инженер во изведувачот „Стентон градба“.

    Инвеститор на работите е ЈП за државни патишта, кое најави дека вкупните предвидени зафати ќе чинат 62,4 милиони денари.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира