1 Министерот за надворешни работи Никола Попоски е нов. И веројатно не го знае македонското правило дека кога државен секретар на САД ќе му пише честитка на македонски министер за надворешни работи, тоа задолжително мора да биде прва вест на државната телевизија, во државната агенција МИА и на патриотските приватни телевизии.
Оваа недела честитката од германскиот министер за надворешни работи Гвидо Вестервеле до Попоски беше објавена на државната агенција МИА.
Но честитката од државниот секретар на САД Хилари Клинтон која, како што објави “Утрински”, била испратена до Попоски уште минатата недела, остана необјавена.
Не ќе да е проблемот во неискуството на новиот министер за надворешни работи кој со германската честитка се пофалил, а американската честитка ја заборавил. Тој, навистина, нема некое големо искуство во дипломатијата, ама штом влезе во Влада, веднаш научи дека треба да се скрие нешто за што мисли дека не и одговара на Владата.
Клинтон му пишала на Попоски дека за време на нејзиниот состанок со премиерот Груевски во февруари разговарале за “растечката загриженост на САД околу недостигот на транспарентност, селективно гонење и присила, проблематична употреба на притворот и недостиг од независни судски институции во Македонија”. Му честитала на новиот министер и го предупредила дека “промовирањето на владеењето на правото, вклучувајќи еднаква правда и целосно почитување на човековите права, останува врвен приоритет на САД и нешто важно во нашето натамошно партнерство”.
Зар Никоа првпат го слуша ова што го кажува Хилари? Па толку се исплашил и решил да го скрие, за да не се исплашиме и ние? Па ние барем знаеме како живееме во Македонија. Не треба Хилари да ни каже.
Сепак, видлив е напредокот. Досега министерот Попоски никој не го знаеше. Беше скриен. А сега еволуира. Од скриен, тој почнал да крие. Така што од пасива се префрлил во актива. Што гарантира дека Македонија ќе води проактивна надворешна политика.
2 Ова ме потсетува на една белешка од познатиот српски писател Душко Радовиќ. Го прашува мајката детето: “Сине, што правиш?”. А тоа и одговара: “Ништо, мамо, гледам во Марс”. Па по извесно време пак се јавува: “Всушност, мамо, не гледам во Марс, туку се искакав”.
Е така и нашите министри од Владата. Мислат дека ако нешто скријат, тоа нема да се дознае.
Како, кога смрди?
3 За две недели истекува рокот за легализација на дивоградбите. Уште околу 150 илјади сопственици на дивоградби не поднеле барање за легализација. Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески минатиот месец изјави дека парично ќе се казнуваат тие што до 3 септември нема да поднесат барање за легализација. Завчера, пак, рече дека с уште размислуваат како да ги казнуваат тие што нема да се легализираат.
Нема што да размислуваат. Динамит му е мајката. Бидејќи ова е правна држава и правдата важи за сите, дивоградбите на тие што не платиле да си ги легализираат ќе завршат како зградата на Фијат Цаноски.
Или нека потрчаат побрзо до општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да си набават книшки за да бидат од “нашите”, или Груевски ќе удри камен темелник во Бунарџик на некоја фабрика за динамит. Пали фитилот.
Да не се разбереме погрешно. Јас не тврдам дека во Македонија се практикува селективна правда. Така вика Хилари Клинтон.
4 Уште откако се прогласи независноста на Македонија, албанските политички партии одвременавреме предупредуваа дека ќе бараат менување на химната. Ај ним што им пречи, не ме чуди. Ним сe што има врска со државноста на Македонија им пречи. Ама сега и ВМРО-ДПМНЕ отвора муабет за промена на химната. Велат дека била многу комунистичка.
Е ај да се потсетиме на стиховите на химната:
Денес над Македонија се раѓа
ново сонце на слободата
Македонците се борат
за својте правдини
Одново сега знамето се вее
над Крушевската Република
на Гоце Делчев, Питу Гули
Даме Груев, Сандански
Горите македонски шумно пеат
нови песни, нови весници
Македонија слободна
слободно живее!
Што е комунистичко во овој текст? Дека Македонија слободно живее?
5 Впрочем, ако веќе мора да се менува текстот во духот на новото време, тогаш предлагам после Гоце, Питу, Даме и Јане да се додадат и Воинот на коњ, татко му и мајка му. И средниот прст за Грција.