МАЈКА И СИН

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:71:"ОдименаМарс.Некоиоднассевеќетаму

    1 Баш ми е гајле како ќе изгледа прославата на 8 Септември. Особено сега кога од СДСМ изјавија дека нема да му се поклонувале на Александар за да не го величаат Груевски. И особено што сега ќе почнат приказните кој бил за референдум пред 20 години, кој не бил, кој се појавил на бината заедно со Киро Глигоров и Никола Кљусев, а кој се скрил, кој сега ќе биде на бината, кој ќе се поздравел со кого.
    СДСМ имаа извонредна прилика да покажат како се прославува државност во 2003 година кога се славеше 100 години Илинден. Беше мизерно. Ги паметам само копјата од знамињата забодени во земја, коњите и лепешките, рецитали на некои поети и релативно високи гости од Бугарија, Србија и Црна Гора. Тогаш во “Сакам да кажам” напишав дека нашинците во Австралија ја имаа закупено Сиднејската опера. За време на приредбата оделе снимки од прославата на Мечкин Камен. Колку за да бидат среќни што на време си заминале од Македонија. И да не добијат идеја да се вратат.
    За дваесетгодишнината на независноста ВМРО-ДПМНЕ подготвува спектакуларна прослава. Рекоа дека ќе била космополитска. Ама не поканија ниту еден странец. И рекоа дека ќе била за обединување. А за какво обединување зборуваат кога ако кажеш дека споменикот на Александар не ти се допаѓа веднаш ќе ти речат дека си предавник. И комуњар. И дека треба да те лустрираат.
    Затоа баш ми е гајле како ќе изгледа прославата.
    И онака тие не слават заради државата. Јас сум си горд на својата држава и јас ќе си славам. А тие слават за да си гледаат сеир. За да си ги мерат колкави им се. И јазиците и рејтинзите. Кога нема да ги видам сите заедно на иста сцена и под исто знаме, ми праќаат порака дека тие уште не се зрели да слават роденден на државата. Ќе славиме стогодишнина во 2091 година. За осумдесет години белким ќе пораснат.

    2 Пред неколку дена и премиерот Груевски славеше роденден. Во “Вечер” изјавил дека “најубавиот подарок за него е најновата индиска инвестиција во Бунарџик”. И уште рекол дека тоа е “исто така подарок од него за македонскиот народ”. Уште не ми се верува дека така рекол.
    Името на компанијата што ќе инвестира во Бунарџик е “Мадерсан”.Така се вика оти ја основале мајка и син. А инвестицијата му е особено драга на премиерот поради името.

    3 Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска рече дека за спектаклот на 8 Септември сите уметници работат без хонорар, а за техниката не ја знае сумата и ќе ја каже кога ќе биде готов финансискиот извештај.
    Дали министерката кога реновира нешто дома почнува да урива, најмува мајстори и купува мебел без да знае колку пари тоа ќе ја чини?
    Дали е патриотски да се праша колку ќе чини прославата? Или самото прашање веднаш те става во категоријата предавник. Не е така. Мене, на пример, ме интересира дали можеби многу евтино ќе поминеме. Можеби малку пари ќе се потрошат. И бидејќи сум патриот мислам дека треба да се потрошат уште повеќе.
    Впрочем, ако не се потрошат доволно пари за 20 години независност, за што друго да се потрошат? За 100 години Илинден?

    4 Можеби поради отсуството на странски гости прославата нема да има космополитска димензија. Ама дефинитивно ќе има интерпланетарна. Хрватскиот кореограф Сташа Зуровац, што ги вежба нашите уметници, изјави дека спектаклот ќе биде “како да е за отворање на Олимпијада во 2034 година на Марс”.
    Одиме на Марс. Некои од нас се веќе таму.

    5 Бугарија и станала ментор на Македонија за европските интеграции. Потпишан е меморандум за соработка со кој од Софија ќе н учат како да му се приближиме на Брисел.
    Тоа што менторот не ни го признава јазикот, не е толку важно. Поважно е што ментор ни стана земја која кога беше на наше дереџе од претпристапните фондови на ЕУ проневери над милијарда евра. Ментор ни е земја која сто пати се покаја што ја примија предвреме во ЕУ. Сега ќе учиме од нивните искуства.
    По ова ред е и Грција да ни стане ментор за приближување кон ЕУ. Да научиме прво како се лаже, потоа како се краде и на крај како се банкротира државата.
    Одлични ментори ќе имаме.

    6 За да стави ред во операциите на државните болници, министерот за здравство Никола Тодоров ќе воведе електронски списоци на пациенти. Компјутерот ќе кажува кој кога ќе се оперира.
    Не се сомневам дека министерот има добра намера. Оти при тајни списоци на лекарите, голема е можноста за злоупотреби и за мито. Но, исто така, и со списоците што Тодоров ќе ги објавува на Интернет голема е можноста и пациентите да умрат пред да дојдат на операција.
    Лекувањето, пред с, е одлука на болниот и лекарска проценка. Луѓето можат да бидат бројчиња во катастар и во МВР на списоците за пасош и лична карта. Ама пациентите не можат да бидат обична бројка. Знаете како велат: секоја болест – посебна судбина. Секоја операција – посебна приказна.
    А зошто министерот не го спои својот сектор со Државната лотарија. Контактот меѓу доктор и пациент ќе биде непотребен. Две манекенки нека ги влечат имињата на болните од барабан. И така ќе се направи објективен список за операции. И конечно ќе се официјализира дефиницијата на македонското здравство. Кому каква му била среќата. Кога ќе те извлечат од барабанот треба само да викнеш :”Бинго”.

    7 Најава на вести на Македонската телевизија: “Ставот на гувернерот Богов пред новинарите го пренесе вицепремиерот Пешевски”.
    Толку за независноста на монетарната власт.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира