ВО СЕФОТ НА КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ВО ВМРО-ДПМНЕ ВИДОВ ПАРИ ВО ПАЧКИ, НЕ ЗНАМ ШТО ИМАШЕ ВО ПРАТКИТЕ ШТО МУ ГИ ДАВАВ НА РАКА, СВЕДОЧИ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЕЛЕМ ЧИНГОВСКИ НА „ТАЛИР“

    ВО СЕФОТ НА КИРИЛ БОЖИНОВСКИ ВО ВМРО-ДПМНЕ ВИДОВ ПАРИ ВО ПАЧКИ, НЕ ЗНАМ ШТО ИМАШЕ ВО ПРАТКИТЕ ШТО МУ ГИ ДАВАВ НА РАКА, СВЕДОЧИ ЕКСДИРЕКТОРОТ НА ЕЛЕМ ЧИНГОВСКИ НА „ТАЛИР“Поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски e еден од обвинетите во „Талир“. - Божиновски пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    По бизнисменот Силјан Мицевски кој сведочеше во случајот “Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и перење 5 милиони евра, на пултот во судницата во Основниот кривичен суд застана поранешниот генерален директор на ЕЛЕМ Влатко Чинговски.

    Мицевски го спомна дека и тој му давал фактури за плаќање и за донации за потребите на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

    На прашање на обвинителката Ленче Ристоска како член на Извршниот комитет дали знае како се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, тој кажа дека го знаел само официјалното: партијата се финансира преку членарини. Како висок партиски функционер тој имал траен налог во банка, зашто функционерите плаќале повисока членарина.

    Но, на прашање на обвинителката тој опиша шема како периодично имал задача да му предава на Божиновски лично на рака доброзапакувани пратки со селотејп, за чија содржина не знаел. Му било кажано дека предава документација од компаниите наменета за Божиновски.

    „Каде се одржуваа средбите за да му ја предавате спакуваната документација на генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски?”, праша Ристоска.

    „Дел во Владата, помалку во партијата”, одговори тој.

    „Што точно ви беше кажано на овие средби од генералниот секретар?”, праша таа.

    „Оставање на спакуваната и залепена документација и куртоазен муабет најчесто. Во 2012 година Божиновски во подолг разговор побара подетални информации за работата на ЕЛЕМ. Бараше податоци кој колку должи на компанијата, кои проекти се работат, нивната вредност која е, кој ги работи тие проекти,…”, одговори Чинговски.

    Потоа пак бил викнат во Владата, кога и му кажале дека одреден број на компании се задоволни од соработката со ЕЛЕМ, па се спремни да помогнат и на Владата и на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

    „По одреден период, Божиновски ќе се јавеше кај мене на телефон и ќе побараше од мене да се јавам кај тие компании што изразиле поддршка и да ги потсетам дека ветиле помош и дека треба да ја реализираат. Јас им се јавував во име на Божиновски и ги потсетував”, кажа тој.

    „Дали од лицата што сте ги потсетувале сте добиле некакви пратки?”, праша и за нив обвинителката.

    „Од тие што ги контактирав за ветувањата што ги дале, никакви пратки не ми дадоа”, рече Чинговски.

    „Дали во разговорите со Божиновски користевте жаргони или шифри?”, продолжи Ристоска.

    „Не знам дали е ова некаков жаргон или шифра: Божиновски ме прашуваше дали имам да доставам документација или немам. Ако кажев ‘имам’, ќе се сретневме да му ја дадам. Ако кажев ‘немам’, немаше средба”, одговори сведокот.

    „Дали бараше некој од вас да фаворизирате одредени компании при исплата на долгови кон нив?”, праша обвинителката.

    „Го побара тоа од мене Божиновски, но му кажав како што ви кажувам вам: ‘Фаворизирање кај мене нема. Сите се еднакви'”, одговори сведокот.

    „Можете ли да ја опишете канцеларијата на генералниот секретар во ВМРО-ДПМНЕ?, праша Ристоска.

    „Канцеларијата му беше во еден многу ужасен неред. Расфрлани материјали, рекламен материјал, постери, предизборни програми”, опиша сведокот.

    „Дали сте го виделе некогаш отворен сефот во неговата канцеларија?”, продолжи Ристоска.

    „Сефот секогаш беше затворен, само еднаш го видов подотворен. Тогаш видов нешто што изгледаше како финансиски средства, беа во пачки”, одговори Чинговски.

    Тој како курир на „документацијата”, побарал да биде изземен зашто во една прилика бил обвинет од генералниот секретар на Владата и на партијата ВМРО-ДПМНЕ Божиновски дека „тоа што било содржина на документот, не одговарало на очекуваната содржина”.

    „Божиновски ме обвини за нешто што не сум сторил. Но, ме сфати и постепено неговите јавувања се намалија во текот на 2012 година. Ми рече уште неколку пати да се јавувам во компании, но документација повеќе не требаше да носам. Односите ни се заладија. Во март бев повикан од премиерот Никола Груевски кој ми соопшти дека ќе бидам сменет од функцијата. Што не ми беше проблем, зашто јас имав оставено отворена оставка на функцијата. Имавме и технички несогласувања со него околу иднината на ЕЛЕМ. 6 години бев директор. Груевски ми кажа дека нема веднаш да ме отстранат додека не најдат соодветна замена за мене. Потоа ме предложи за амбасадор, одбив од лични причини”, кажа Чинговски.

    По неговото сведочење на директни прашања на Ристоска, ниту еден од обвинетите и нивните адвокати не се пријави да му постави вкрстени прашања.

    Судењето продолжува со нови сведоци.

    Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.

    За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

    Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира