СИЛЈАН МИЦЕВСКИ НА ГРУЕВСКИ ЛИЧНО МУ ОДНЕЛ 10.000 ЕВРА ОТИ ДОБИВАЛ ТЕНДЕРИ И ПЛАТИЛ 70.000 ЕВРА ЗА ДА НЕ ИСПАДНЕ МЗТ ОД ПРВА ЛИГА

    СИЛЈАН МИЦЕВСКИ НА ГРУЕВСКИ ЛИЧНО МУ ОДНЕЛ 10.000 ЕВРА ОТИ ДОБИВАЛ ТЕНДЕРИ И ПЛАТИЛ 70.000 ЕВРА ЗА ДА НЕ ИСПАДНЕ МЗТ ОД ПРВА ЛИГА„Лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски“, сведочеше битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски. - Мицевски пред Обвинителството за организиран криминал (Фото: СДК.МК)

    Предметот „Талир”, рекордер по одложени рочишта, поради кој е замрзнат целиот имот на партијата ВМРО-ДПМНЕ поради незаконско финансирање и перење пари во износ од 5 милиони евра, продолжи денеска во Основниот кривичен суд Скопје со сведочење на бизнисменот Силјан Мицевски од Битола.

    Тој на прашања од обвинителката Ленче Ристоска опиша како бил рекетиран од првите луѓе на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ откако ќе добиел тендер.

    Силјан Мицевски сведочеше на предлог на обвинителката Ленче Ристоска. Тој добил тендер од партијата ВМРО-ДПМНЕ. На прашање на Ристоска дали од повисоките ешалони од власта кои се јавувале како инвеститори во добиените тендери влијаеле и барале од него да земе подизведувачи, Мицевски одговори потврдно, дека тие сугестии биле за помали компании кои барале работа во владата.

    „По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола”, одговараше под заклетва Мицевски.

    На прашање дали некогаш донирал во ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори:

    „Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата”.

    „Од кои лица конкретно доаѓаа овие барања?”, праша Ристоска.

    „Еднаш Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, ми има дадено писмо и фактури за плаќање, другпат Кирил Божиновски, имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познаам сите. Барањата за спонзорства, плаќања се случуваа во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места”, сведочеше Силјан Мицевски.

    Мицевски, исто така, уплатил 720 илјади евра за наводен проект за старски домови. По распитот во Обвинителството за организиран криминал во септември минатата година, тој кажа дека парите ги дал на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13 и  дека ќе си ги бара назад.

    Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија и во сите процеси му се суди во отсуство.

    За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

    Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.

    На почетокот на судењето обвинетите и одбраната побараа судот да ги тргне бомбите како докази, бидејќи според новиот закон за јавно обвинителство, тие може да служат само како индиции.

    „Членот 110 став 3 вели дека материјалите и транскриптите од бомбите за обвиненијата покренати по 30 јуни 2017 година, може да се користат во постапките, а останатите не. Доказите – бомби за ‘Талир’ се поднесени подоцна, на 22.11.2018. Тие не може да бидат предложени, треба да се повлечат. Тие не се законски”, побараа адвокатите.

    На ова обвинителката Ристоска одговори:

    „Ова барање е преурането. Нејасно е зошто во оваа фаза на постапката, кога не се изведуваат материјални докази, туку се сослушуваат сведоци, се предлага да се тргнат прислушуваните материјали? Ова не е прво рочиште, туку второ откако е донесен законот за Јавно обвинителство. Јас не сум изнела пред судот како ќе постапам со тие докази”.

    За испраните околу 5 милиони евра, СЈО има фатено уплатници, документи и други материјални докази, како и изјави од сведоци. Не се базира, како што беше кажано, само на бомбите.

    Во обвинението, на избеганиот Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и нелегални извори на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Бил помогнат од Божиновски и од Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на фирми кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа, како знаат да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените тендери.

    Вака обезбедените финансиски средства во готовина, Никола Груевски не ги вратил во буџетот, откај што доаѓале, а што е обврска согласно Законот за финансирање на политички партии. Со тоа прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра.

    Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски и Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Јанакиески и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

    Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на партиската жиро сметка, обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за партијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира