Книгите со совети за среќен и здрав живот, со совети за самопомош подолго време се меѓу најбараните во македонските книжарници, а на последниот Саем на книга беа и меѓу најпродаваните изданија. Од издавачката куќа „Арс ламина“ велат дека во групата на 10 најпродавани книги на нивен штанд беше светскиот бестселер „Е, баш ме заболе!“ од Марк Менсон.
„Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не ги замајува читателите со тези од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме ‘позитивни’, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. Со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: ‘Море кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“, ни рекоа од оваа издавачка куќа.
На листата е и „Сė е заебано“ исто од Марк Менсон. Во ова дело, тој исцртува планини од психолошки истражувања базирани на безвременската мудрост на Платон, Ниче, Кант, па и на Том Вејтс, за да ги дисецира религијата, политиката, парите, забавата и интернетот. Најпродавана книга на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“ на изминатиот „Саем на книга“ била „Тошо Малерот: монологија“ на Васко Тодоров, посетителите ја барале и книгата „Курвински хроники“ на авторот Александар Русјаков со поднаслов „Роман сошиен од шест парчиња време“.
Од Издавачкиот центар „Три“ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека на годинашниот Саем на книга во преден план биле најновите наслови што ги објавиле токму за саемот – од Вуди Ален, Харуки Мураками, Садгуру – и тие очекувано предизвикале најголем интерес кај читателите.
„Но, Саемот го посетија многу читатели, сите со различен вкус, и убаво беше да се види интерес буквално за сите жанрови и за целата понуда што ‘Три’ ја претстави на својот штанд. Имавме навистина убаво и успешно издание на Саемот оваа година. Веќе подолго време книгите со совети за здрав и среќен живот и за самопомош се особено интересени за домашната публика, а и имаме многу што да понудиме на оваа тема и сметаме дека книгите се вистински советник за секоја ситуација“, велат од „Три“.
Најпродаван странски автор кај нив бил беше Харуки Мураками, чиј последен роман „Убиството на командантот“ се појави специјално за саемот, а најпродаван македонски автор е Венко Андоновски.
За потребата и отвореноста на населението кон совети за здрав живот, особено во ова време на пандемија, карантини, изолираност, економска несигурност, разговарвме со невропсихијатарот и специјалист за болести на мозокот, д-р Методи Чепреганов.
Чепреганов вели дека дека ние како народ имаме многу голем историски товар, дека „низ нашите огништа поминале многу ветришта и сеништа, ама секогаш сме биле под некого, што значи дека нашето его било загушено, притаено, скриено, неодживеано, за сметка на тоа сме имале секогаш силно суперего“. Тој вели дека народот голтал, голтал и се полнел со негативна енергија со векови, дека нашите архетипови се полни со жолчност и неправди, ни го немало никаде егото, ама и не сме имале можност за едукација.
„И сега дојде ново време, сами сме, немаме супер его, ама и немаме едукација, немаме морални, етички, духовни и социјални норми (чест на исклучоци, а ги има ). Што значи ова ? Сѐ што беше потиснато како негативна напластена енергија во нас и нашите архетипови, излезе на површина, а нема соодветна контрола, сите знаат, сите можат, сите се способни, царуваат емоциите, а тие ја стеснуваат свеста, нема реалност, нема објективност, нема одговорност“, вели Чепреганов.
Тој смета дека не знаеме да разговараме помеѓу себе, нема почит, нема консултација, владее една параноичност и малигна нарцисоидност, агресија до максимум.
„Тоа е македонски синдром, се јадеме, се гриземе, се уништуваме самите себе, се што правиме е импровизаација, енормна борба за моќ, за власт, за пари, страсти за богатење“, вели тој.
„Во овој духовен и интелектуален хаос, има многу малку луѓе кои читаат, тоа го гарантирам, јас лично од моите 48 монографии, никогаш не сум продал ниту една, никој нема интерес, а во Франција, енциклопедиите во кои сум коавтор (вкупно 4, првата публикувана во 2006, втората 2007, третата 2012 и четвртата 2018), се продадени по 235 евра и тоа секоја по 60.000 примероци. Живеев долги години во Франција, во метро 90% од луѓето читаат додека се возат. Кај нас тоа е чудо, реткост и не постои. И сега се враќам на вашето прашање, во овој духовен и интелектуален хаос, претворен само и исклучиво во борба за власт, полн со насилство и агресија, манипулации и лаги (од пратеници, од портпароли, од лидери, од секој против секого ако не си истомисленик) оние кои сакаат да читаат бараат книги за поука, да научат и да чујат, нешто ново, убаво, нешто што ќе ги подучи, ќе им го покаже патот на секојдневието, патот содржан во мислата на цивилизацискиот ментум, како да живееш и што е животот. Цитирам: Да живееш и да постоиш значи да учиш, да работиш, да твориш, да креираш, да ствараш, да умееш, да почитуваш, да те краси емпатија, флексибилност и толерантност, значи да имаш изграден свој психо профил со богат резервоар на знаења и инкорпорирани норми во совеста на сопственото его“, објаснува д-р Чепреганов.
Невропсихијатарот апелира дека треба да се работи на совеста, а тоа е процес, кој трае, траел и ќе трае, затоа што, како што вели, кај нас постои комплетна ерозија на интелектуалната вредност, поради „партиска книшка и подобност и ткивото на обичиот граѓанин е расцепено, раслоено, раздвоено помеѓу антички Македонци и предавници, голема трагедија за иднината на мојот народ“.
„Треба единство и заеднички сите кои постоиме тука на ова парче земја, да ја градиме нашата иднина.
Тие кои го сакаат тоа и гледаат иднина во сплотеноста, интелектуалниот квантум, разбирањето, почитувањето, тие бараат таква литература за среќен и безбеден иден живот“, вели д-р Чепреганов.
Д-р Чепреганов во својата богата кариера објавил над 260 научни трудови и 47 монографии, од кои пет на француски, една на бугарски јазик и другите на македонски јазик од областа на неврологијата и епилептологијата, а голем број од изданијата се продаваат во „Култура“.
Б. НЕСТОРОСКА