ПОМАЛ РОД, НО МНОГУ КВАЛИТЕТНИ ЈАБОЛКА – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ПРЕСПАНСКИОТ ЈАБОЛКОБЕР

    ПОМАЛ РОД, НО МНОГУ КВАЛИТЕТНИ ЈАБОЛКА – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ПРЕСПАНСКИОТ ЈАБОЛКОБЕРОвоштарите велат дека очекуваат добра година за продажба на јаболката (Фото: СДК.МК)

    Од планираните 160.000 тони, во Преспа годинава родија околу 120.000 тони јаболка зашто сѐ уште се чувствуваат последиците од ланскиот ураган. Насадите кои ланското лето беа погодени од силното невреме, па им беа оштетени овошките и лисната маса не родија ни годинава.

    Денес е Крстовден и официјално заполнува бербата на јаболката. Во Ресен се одржува Преспанскиот јаболкобер, со почитување на препораките за заштита од ковид-19. На официјалниот постер дури и на јаболкото му е нацртана заштитна маска. Јаболкоберот започна со свечено откинување на првото јаболко во овошните насади на „Агроплод“.

    Овоштарите велат дека годинава родот е квалитетен. Петнаесет проценти од јаболката се екстракласа, 75 проценти прва класа, а останатото е втора класа.

    „Цените се од 14 до 20 денари за килограм јаболко од екстракласа. Ова е најава за добра година за продажба на јаболката. Овоштарите ќе бидат задоволни ако продолжи овој тренд”, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски” од Ресен и претставник на земјоделската задруга „Крани”.

    Побарувачката за јаболка на европскиот пазар годинава е голема зашто во дел од државите невремето го уништи родот. Посебно се очекува голема побарувачка на рускиот пазар.

    Годинава се формирани уште четири нови земјоделски задруги и сега ги има вкупно шест, кои се обидуваат да обезбедат директен пат на јаболкото од производство до пласман, со цел да се избегнат малверзациите на дивите трговци.

    „Дивите трговци ги искористуваа законските дупки и трудот на овоштарите, ја паѓаат цената на јаболкото, а со години не им плаќаат на овоштарите, па должат милионски суми. Отвораат фирма оваа година, ја затвораат, па догодина друга фирма и не ги исплаќаат овоштарите за откупените јаболка. Тоа со земјоделските задруги ќе се надмине”, рече Пампулевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира