ДИРЕКТОРИТЕ НА ТЕТОВСКИТЕ УЧИЛИШТА БАРААТ ПОГОЛЕМО ПРИСУСТВО НА ПОЛИЦИЈАТА БИДЕЈЌИ СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ ПРЕТСТАВУВА ОПАСНОСТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ

    ДИРЕКТОРИТЕ НА ТЕТОВСКИТЕ УЧИЛИШТА БАРААТ ПОГОЛЕМО ПРИСУСТВО НА ПОЛИЦИЈАТА БИДЕЈЌИ СООБРАЌАЈНИОТ МЕТЕЖ ПРЕТСТАВУВА ОПАСНОСТ ЗА УЧЕНИЦИТЕОд СВР Тетово велат дека полицијата е присутна во близина на училиштата, но тешко се справуваат со проблемите (Фото: СДК.МК)

    Директорите на тетовските основни училишта имаа состанок со претставници на СВР Тетово и Секторот за јавни дејности на Општина Тетово, на кој се пожалија дека хаосот во сообраќајот и големиот број непрописно паркирани возила пред училиштата претставуваат реална опасност по животот на учениците. Тие побараа поголемо ангажирање на полициските службеници и постојано присуство пред училиштата.

    „Секојдневно се соочуваме со сообраќајните проблеми пред нашето училиште. Кај нас се одвива настава со физичко присуство, па дел од родителите ги носат своите деца со автомобил, поради што тротоарите се постојано зафатени со паркирани возила. Тоа им пречи на учениците и мора да се движат по улицата за да дојдат до училиштето. Тротоарите се за пешаците, а не за возилата. Општината, службите за сообраќај и полицијата мора да ја средат оваа состојба. Тие се жалат дека немаат доволно кадар, но тоа е нивни проблем“, вели Џелал Алили, директорот на основното училиште „Наим Фрашери“.

    Од СВР Тетово велат дека полицијата е присутна во близина на училиштата, но тешко се справуваат со проблемите, а се жалат и дека општинските власти малку соработуваат со нив.

    „Знаеме дека сообраќајот во Тетово е голем во хаос и ние со ресурсите што ги имаме секојдневно се бориме со овој проблем. Полицијата е на секое место во градот каде што има зголемен обем на сообраќај. Сепак, проблемот не е само кај сообраќајната полиција, има многу несовесни граѓани кои секојдневно непрописно паркираат. За хаосот во сообраќајот вина има и општината, бидејќи зонското паркирање не функционира, има тротоари кои се зафатени од тезги со земјоделски производи, има изложени производи од продавници и тука треба да интервенираат општинската пазарна инспекција и комуналната инспекција. Ние можеме да пишеме пријави, но не може полицијата да отстранува гајби од тротоарите“, изјави Бобан Симјановски, помошник командир за безбедност во сообраќајот во Тетово.

    Од Секторот за јавни дејности на Општина Тетово велат дека во изминатиов период се направени бројни подобрувања на безбедноста во училиштата.

    „Во сите училишта и во нивните дворови поставено е осветлување на надворешниот простор, како и камери. Исто така, за време на одморите од часовите, наутро, навечер или кога има поголема фреквенција, воочливо е присуството на полицајците, како во униформа, така и во цивил“, вели Ахмет Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејности.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира