Дуото Влатко Стефановски-Теодосиј Спасов вечерва во 20 часот го отвора 39. издание на Скопскиот џез фестивал, кое поради актуелните глобални околности ќе се разликува од сите досегашни.
Македонските музичари ќе бидат најбројни во годинашната четиридневна програма, но организаторите успеаја да обезбедат и солидна бројка на гости од странство, а новина ќе бидат ексклузивните преноси на концерти од Њујорк и Осло.
Сите концерти, по два секој ден, ќе се одржуваат во Националната опера и балет, па вечерва од 21:30 часот е настапот на Шпанците Чикуело и Марко Мескида.
Бидејќи капацитетот на НОБ ќе биде ограничен на само 220 гледачи, сите концерти бесплатно ќе се стримуваат онлајн и истовремено ќе се пренесуваат на Македонската радио-телевизија, што е уште една новина. Во живо во НОБ ќе можат да се проследат и настапите на џезери од Хрватска, Австрија и Франција.
Г. КОНЕВ