По апелот на мајката на момчето кое стана полнолетно во јуни, а кое уште нема извод на родени, Министерството за правда веднаш му одобри бесплатна правна помош, иако нема наше или какво било друго државјанство.
Парадоксално е, но Министерството за правда му одобри бесплатна правна помош на момчето кое е од социјално сиромашно семејство, за да се избори пред Управата за матични книги, која е институција под Министерството за правда.
По текстовите во САКАМДАКАЖАМ.МК за 18-годишната битка на момчето и на неговите родители тоа да биде впишано во книгата на родени, во редакцијата се јави адвокатката Тамара Славеска-Апостоловски од Скопје и се понуди да му помогне на сиромашното семејство. Особено што и таткото на момчето последниве месеци е во сериозна здравствена состојба и неконтактибилен, поради васкуларна деменција, а Т. С. не може ништо сам да направи, бидејќи нема никаков личен документ, не постои на хартија.
Славеска-Апостоловски ја стокми сложената документација и заедно со полнолетникот без извод, го поднесоа барањето до Министерството за правда. Оттаму експресно му ја одобрија. Прв, но значаен чекор во голготата на Т.С., со кој вели дека повторно му се вратила изгубената надеж.
- МОМЧЕ СТАНА ПОЛНОЛЕТНО, НО НЕ МОЖЕ ДА ИМА ЛИЧНА КАРТА ОТИ МАЈКА МУ ТРЕБА ДА ДОКАЖЕ КОЈ МУ Е БИОЛОШКИ ТАТКО
- 17-ГОДИШЕН СКОПЈАНЕЦ НИКОГАШ НЕ Е ЗАПИШАН ВО МАТИЧНА КНИГА ОТИ ДРЖАВАТА НЕ МУ ГО ПРИЗНАВА РОДЕНИОТ ТАТКО
Тоа дете е родено тука, со живи биолошки родители, со час, ден и година на раѓање, и секако со место на раѓање, во Клиничкиот центар во Скопје. Но, извод не може да добие, иако неговиот татко е македонски државјанин. Кога се родил, мајката негова, која е бугарска државјанка, имала нераскинат брак со сопругот од Бугарија со кого повеќе од две ипол децении не е во контакт. И покрај тоа што таа подоцна го раскинала бракот со него, таткото на Т.С. си го признава за негов син, се родил тука во Клиничкиот центар, Управата за водење на матични книги го спори татковството и не го впишува во книгата на родени.
„Според нашите закони, како негов татко мора првин да биде запишан бугарскиот државјанин и детето веднаш ќе добие извод. Потоа, биолошкиот татко ќе го оспори татковството, во постапка, Управата ќе го запише него“, цврсто стои на ставот Управата за матични книги, која препорачува проблемот да го реши Управниот суд со мериторна одлука, а што беше и целта да барањето бесплатна правна помош.
Адвокатката Славеска-Апостоловски кажува дека сега од брзината на одговорот, односно од носењето решение од страна на Управата, ќе зависи кога ќе биде поднесена тужба пред Управниот суд. Но, 10 дена веќе се поминати откако таа доставила поднесок до институцијата која не му дава извод на Т. С., а оттаму уште нема никакво решение, кое е потребно за да биде поднесена жалба. А роковите течат.
„На лицето Т. С. му е издадена Потврда за одобрување на бесплатна правна помош во итна постапка. Откако ја прибавив, на 06.10.2020 година е доставен поднесок до Управата за водење на матични книги, во кој се истакнати повеќе барања. Првично, побарано е да се дозволи увид и копирање на списите на предметот. Понатаму, побарано е во најбрз можен рок да биде доставено Известување, од кои причини лицето не е запишано во матичната евиденција, односно кои докази се неопходни како би бил спроведен овој упис, зашто Известување со посочување на конкретни докази, не е изготвено во досегашниот тек на постапката од тоа што го видов во документацијава“, го почнува сега адвокатката новото продолжение на приказната, или новата битка – подготовка за пред Управниот суд.
Таа настапила со сите можни варијанти пред Управата за матични книги, за да обезбеди натамошна правна постапка, каков и одговор да добие оттаму.
„Понатаму, побарано е лицето да биде евидентирано во матичната евиденција единствено со наведување на податоците за мајката, а без наведување на податоците за таткото, кој предлог е истакнат ако Управата цени дека постои процесна пречка за заведување на вонбрачниот – биолошкиот татко, со оглед да лицето е родено за времетраење на брачната заедница на неговата мајка со поранешниот брачен другар, инаку бугарски државјанин, со кој мајката и лицето не се во контакт. Ако Управата и покрај горенаведеното смета дека не постојат законски услови да биде извршен уписот во матичната евиденција на овој начин, а процесните пречки за негово извршување сè уште постојат, конечниот предлог од наша страна е таа да го упати лицето да поведе постапка за утврдување на татковство пред граѓански суд, односно да донесе Решение за прекин на управната постапка до правосилно завршување на евентуалната граѓанска постапка“, вели адвокатката.
Таа оди и на следната варијанта, па вели: „Ако Управата не одговори на овој допис, исполнети се условите за поднесување на тужба пред Управен суд поради молчење на администрација“.
Додека родителите на Т.С. ја тераат постапката за нивниот син да добие извод и македонско државјанство, избија и се решија многу воени конфликти во светот. Само неговиот проблем со изводот е нерешлив.
На момчето му е издадена Потврда за бесплатна правна помош за остварување на право на упис во матична евиденција, но и Потврда за бесплатна правна помош за утврдување/оспорување на татковство. Татковството се докажува пред Граѓански суд. Од одговорот на Управата, односно од неговото недоставување во законскиот рок, ќе зависи дали ќе се ангажира и правниот механизам во граѓанската постапка. Од причини на целисходност, овие Потврди Министерството за правда на Т.С. му ги дало во ист временски период, што е многу совесен потег, како на адвокатката, така и на Министерството за правда.
Од Управата за водење на матичните книги вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека барањата за овој случај се проследени до надлежната служба и веќе од следната недела ќе биде постапено по нив, односно ќе бидат донесени одлуки кои им се потребни на момчето и на неговата застапничка Славеска-Апостоловски за натамошна постапка.
Ако не се најде решение со едноставна мериторна одлука на Управниот суд, кој едноставно би ѝ наложил на Управата да го впише Т. С. во матичната книга на родени за да може конечно да добие извод, лична карта, здравствена заштита, да се запише на факултет, следува нов пекол за детето. Биолошкиот татко е неконтактибилен и е критично болен и не може да изусти ниеден збор, па ни признание пред државен орган или суд дека го признава Т.С. за свое дете.
С. К. ДЕЛЕВСКА