МОМЧЕ СТАНА ПОЛНОЛЕТНО, НО НЕ МОЖЕ ДА ИМА ЛИЧНА КАРТА ОТИ МАЈКА МУ ТРЕБА ДА ДОКАЖЕ КОЈ МУ Е БИОЛОШКИ ТАТКО

МОМЧЕ СТАНА ПОЛНОЛЕТНО, НО НЕ МОЖЕ ДА ИМА ЛИЧНА КАРТА ОТИ МАЈКА МУ ТРЕБА ДА ДОКАЖЕ КОЈ МУ Е БИОЛОШКИ ТАТКОТ.С. е роден додека мајката бугарска државјанка била во брак со бугарски државјанин кој живее во Бугарија. Според нашите закони, како негов татко мора првин да биде запишан бугарскиот државјанин и детето веднаш ќе добие извод. Вториот начин, кој е подолготраен, е до извод да дојде преку управна постапка на суд“, - Управата за матични книги. (Фото: К. Попов)

На 27 јуни, Т. С. роден во Клиничкиот центар во Скопје пред 18 години стана полнолетен граѓанин, ама не може да добие лична карта бидејќи нема матичен број и извод на родените. Овој одличен ученик, иако е роден во Скопје и има двајца родители, државата 18 години не го впишува во Матичната книга на родени, уште не може да сонува првпат да добие ни извод на родени, а не пак лична карта.

Државата, всушност, не му го признава биолошкиот татко.

Т. С. се надевал дека на 15 јули првпат ќе гласа на избори и ќе се запише на толку посакуваниот Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, но попусто. Мачно е неговото талкање низ правните лавиринти кои се многу заплеткани и во кои законите важат многу строго за обичните граѓани. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК кажува колку е разочаран и беспомошен, апелира до институциите да го забележат дека е човек, граѓанин на Македонија, тука роден.

„Тежок е мојот живот. Со години се бориме со мајка ми да добијам матичен број, извод на родени, како сите граѓани на нашата држава. Поради хуманите луѓе, кои им укажаа на училиштата дека по домашните закони и по меѓународните конвенции секое дете има право на образование, ме примија без документи и завршив со одличен успех основно и средно образование. Но дотука е моето. Ништо не можам натаму без лични документи. Јас немам идентитет“, вели ова момче.

Најмладото од трите деца на татко скопјанец и мајка бугарска државјанка, има брат и сестра, покрај датум, час, место на раѓање и изјава од татка си дека е негово дете. Буквално сѐ што бара законот за секое новородено дете да добие извод на раѓање. По 15-годишна безуспешна битка на родителите да го впишат во Книгата на родени, тие лани во очај се обратиле кај Народниот правобранител Иџет Мемети. Случајот го води неговата заменичка Сузана Салиу.

Мајката В. Е. А. и таткото Ѓ. С. се обиделе да склучат брак во Македонија, но не успеале во тоа, бидејќи таа не доставила оригинални документи за нејзиниот поранешен брачен статус во Република Бугарија. Мајката на момчето без извод е бугарска државјанка, која подолг период живее во вонбрачна заедница со таткото на Т. С., кој е македонски државјанин. Во дводецениската врска тие имаат и други две деца, кои имале среќа да се родат во Србија. За српските власти не било проблем со изјави од родителите, машкото и девојчето што се родиле таму да ги впишат во книга на родените и да им дадат извод. Проблем има  нивниот брат, кој имал несреќа да се роди во Македонија.

Управата за водење матични книги не му дава извод зашто кога се родил, бракот со првиот маж на мајка му на хартија сѐ уште не бил раскинат, иако таа две децении не живеела со него туку живеела со невенчаниот сопруг со кого родила три деца. Првиот маж живее во Бугарија. Подоцна таа се развела од него, но штетата, според ригидното размислување на овдешната администрација, е направена за третото дете кое  се родило тука.

18-годишниот Т. С. е одличен ученик во целото школување, со бројни награди на домашни и натпревари под меѓународно покровителство, но иако стана полнолетен не може да добие лична карта, ни да се запише на факултет. (Фото: СДК.МК)

Директорот на Управата за водење матични книги Бујар Дардишта вели дека без законска основа, Управата не може да го впиште Т. С. во матична евиденција и објаснува каде е проблемот.

„Според Законот за семејство и нормите кои важат и строго се почитуваат уште од 1995 година, полнолетното момче сè уште не може да добие извод. Тоа е родено додека мајката бугарска државјанка била сè уште во брак со бугарски државјанин кој живее во Бугарија. Според нашите закони, како негов татко мора првин да биде запишан бугарскиот државјанин и детето веднаш ќе добие извод. Потоа, биолошкиот татко ќе го оспори татковството, во постапка, Управата ќе го запише него. И на мајката на момчето тоа ѝ беше кажано од нашата служба. Со оглед на тоа дека таа 20 години нема никаков контакт со него, беше упатена во Амбасадата на Република Македонија во Софија за да ги контактира тамошните центри за социјална работа за да го контактираат човекот да даде согласност да биде првично впишан тој како татко, за да добие детево извод. Таа е процедурата и ние не можеме да постапиме надвор од неа. Со прости зборови, татко е оној со кој во моментот на раѓање на едно дете, мајката била во брак“, вели директорот Дардишта.

Заменик-народната правобранителка Сузана Салиу ѝ укажала на Управата за матични книги дека мора да го запишат детето, зашто прават флагрантно кршење на човековите права. (Фото: СДК.МК)

Кај нас, продолжува тој, во вакви случаи кога двајца сопружници не се во добри односи, не живеат заедно и мајката раѓа вонбрачно дете со друг невенчан сопруг, партнер, а сопругот со кој таа е на хартија одбива да соработува за новороденото дете што не е негово да се впише во матичната книга на родени, посредуваат центрите за социјална работа. Но, тие за странски државјани ја немаат таа надлежност. Во случајов, станува збор за маж и жена странци, чиј брак не бил раскинат кога се родил Т. С., вели Дардишта.

Мајката на Т. С. вели дека неговиот биолошки татко Ѓ. С. 12 години е неподвижен. Тој е толку тешко болен што последниве месеци не е ни контактибилен. Таа е беспомошна, семејството е сиромашно, вели нема веќе ни кој ни како да трча по институциите и да дава изјави, да го наоѓа поранешниот сопруг да признава, непризнава дете…

Заменик-народната правобранителка Сузана Салиу ѝ укажала на  Управата дека мора да го запишат детето, зашто прават флагрантно кршење на човековите права. Но, таа вели дека побарале од мајката да донесе податоци кога бил склучен бракот со човекот од Бугарија и кога се развела. Од економски причини таа не можела да го обезбеди тој меѓународен извод.

„Кога видовме дека се упорни, преку Омбудсманот на Бугарија го обезбедивме изводот веднаш. Датумот на раѓање на момчето се совпадна со периодот кога нејзиниот брак сѐ уште постоел на хартија, а таа си живеела во вонбрачна заедница со нашиот државјанин и веќе имала две деца со него, признати, со изводи добиени од српските власти без никаков проблем. Бракот на мајка им во Бугарија завршил одамна, таа си живеела вонбрачно со таткото на нејзините три деца“, ги кажува фактите Салиу.

Управата за матични книги вели дека Т. С. има друга шанса, преку управна постапка во која би поднеле тужба до нив, со мериторно, односно конечно решение или одлука на Управниот, односно на Вишиот управен суд. Бидејќи тоа сигурно би потрајало повеќе од една година, постапката Т. С. треба да ја почне веднаш, советуваат од Управата.

Со парите што ги нема и со тешко болниот и неподвижен сопруг што таа го чува, мајката на Т. С. треба да покрене управна постапка.

„Не знам што е тоа управна постапка, не знам тужба како изгледа. Финансиски не сме добро, детево нема идентитет, морам јас да поднесам до судот. Апелирам за правна помош“, вели мајката В. Е. А. исправена пред строгите закони на Република Северна Македонија кои доследно се почитуваат за сиромашните и немоќни нејзини граѓани.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира