ДЕВЕТ ТЕТОВСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ ПОЧНУВААТ СО ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ, ДОДЕКА УЧАТ ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ВО ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА

    ДЕВЕТ ТЕТОВСКИ СРЕДНОШКОЛЦИ ПОЧНУВААТ СО ДУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ, ДОДЕКА УЧАТ ЌЕ СЕ ОБУЧУВААТ ВО ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈАПрограмата што ќе се спроведува во средното училиште „Моша Пијаде“ е конципирана според германскиот систем за дуално образование (Фото: СДК.МК)

    Девет ученици од тетовското средно училиште „Моша Пијаде“ од оваа учебна година се приклучуваат на програмата за дуално стручно образование по германски модел. Програмата предвидува теоретскиот дел од наставата да се одвива во училиштето, а практичниот во компанијата КИЕЛ, која произведува седишта за автобуси и возови, а со која училиштето веќе склучи договор за соработка.

    „Денеска потпишуваме Меморандум за соработка помеѓу нашето училиште, Германската стопанска комора и компанијата КИЕЛ. Со ова почнуваме со програма за дуално образование, конципирана според германскиот систем за дуално образование. Програмата е обука на техничар за производно машинство и таа соодветствува со работата и кадрите кои ѝ се потребни на компанијата КИЕЛ, која пред три години отвори погон во близина на Желино. Во првата година ќе се обучуваат девет ученици, кои ќе бидат спонзорирани од компанијата. Теоретскиот дел ќе се врши во училиштето, а практичниот дел, кој ќе започне за време на летниот распуст, а во втората година ќе биде и за време на наставата, ќе се одржува во компанијата. Нашиот бенефит е што добиваме оспособени и поконкурентни ученици, а компанијата добива квалификуван кадар, обучен низ процесот на учење“, изјави Небојша Трпковски, директор на „Моша Пијаде“.

    Според претставниците од Германија, интересот за дуалното образование кај нив е поголем и од оној за студирање на факултет. Нивното искуство во оваа насока е големо и затоа сакаат да помогнат тоа да се спроведува и кај нас во поголем обем.

    „Традицијата на дуалното образование во Германија е мошне долга. Со многу примери е докажано дека учениците кои си го нашле своето место на пазарот на трудот биле вклучени во процесот на дуално образование. Ова се должи на тоа што овие ученици однапред се запознати со работата во компанијата, социјализирани се, запознати се со филозофијата на компанијата и многу полесно се адаптираат во работниот процес“, вели Патрик Мартенс, директор на делегацијата на германското стопанство.

    За практичната настава учениците ќе добиваат и паричен надоместок, а ако се покажат со знаењето и умешноста во работата, компанијата веднаш по завршувањето на школувањето ќе им понуди и соодветно работно место.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира