ПОЧИНА ПИЈАНИСТКАТА И МУЗИЧКИ ДОАЈЕН ЈАСМИНКА ЧАКАР

    ПОЧИНА ПИЈАНИСТКАТА И МУЗИЧКИ ДОАЈЕН ЈАСМИНКА ЧАКАРПрофесорката Чакар за своето дело како уметник и педагог е добитничка на највисоките државни награди.

    Пијанистката и професорка Јасминка Чакар, една од доајените на македонската пијанистичка уметност, почина денеска по кусо боледување. Имаше 81 година.

    Родена е во Битола, школувана во Загреб, каде во 1963 дипломира на Музичката академија во класата на проф. Дарко Лукиќ. По основањето на Вишата музичка школа (денес Факултет за музичка ументост – ФМУ), Чакар од 1967 е професор по пијано и камерна музика. Во 1976 магистрира пијано на ФМУ во класата на проф. Владимир Крпан, чиј соработник е повеќе години при неговиот педагошки ангажман во Скопје. Во текот на педагошката дејност во нејзината класа дипломирале над 40 млади пијанисти. По пензионирањето во 2003, Чакар продолжи да работи со студенти на втор и трет циклус студии на ФМУ.

    Чакар има бројни настапи дома и во странство, а освен солистичките изведби, нејзиниот концертен опус содржи и 76 пијано-придружби остварени со речиси сите истакнати македонски вокални и инструментални уметници. Најмногубројни се пијано-соработките со Милка Ефтимова – мецосопран, Никола Атанасов – флејта, Славица Петрова-Галиќ-сопран, Душка Тасеска – чело, Љупчо Соколов – виола, Нина Среброва – пијано, Леонид Пејсахов – виолина, како и со Aндре Навара – чело, Станислав Аполин – чело, Вернон Хил – флејта, Аурели Блашчок – виолина, Михаил Хомицер – чело, Марине Јашвили – виолина, Лудовит Канта – чело, Тонко Ниниќ – виолина, Ирена Графенауер – флејта, Минео Хајаши – чело, Јован Колунџија – виолина, Трипо Симонути – виолина, Миленко Стефановиќ – кларинет и уште многу други.

    За своето уметничко дело е добитничка на многубројни признанија и награди, меѓу кои „13 Ноември“ (1979), „11 Октомври“ за долгогодишни особено значајни остварувања во областа на културата и уметноста (1999), Златна лира за животно дело (2007), Награда за животно дело во областа на музичката педагогија (2008, 2010), Награда на Мајка Тереза (2009).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира