1. По сé изгледа, повторно ќе одиме во Њујорк на крштевка. Кумовите повторно размислуваат какво смешно име ќе изберат за Република Македонија. Ова “бивша југословенска итн…” им здодеа и им претставуваше проблем за изговарање. Сега се бара ново, привремено, сложено име. Во целата ситуација на барање име, нас најмногу нé радува тоа што тие размислуваат за сложено име. Што, логично, значи дека не сме проста држава.
Велат дека една од варијантите е “Република Македонија (главен град Скопје)”. Ова е уште една ујдурма на партијата на власт, зашто во привременото име, што ние, нели, не го сакаме и со индигнација ќе го одбиеме, е и името на главниот град во којшто победи опозицијата. Скопје да го освоеше СДСМ, сигурно немаше ни да пристигне таков предлог. Или, уште подобра варијанта е сложеното име да стане уште посложено. На пример, “Република Македонија (главен град Скопје, без општините Центар и Карпош)”. Така Владата ќе има вистинска причина да се бори против тоа име, без самата да се убедува дека не го сака. Само, мора да им се каже на кумовите дека ние не се предаваме така лесно. Да не мислат дека ќе се задоволиме со ова привремено име. Имаме ние предлози за уште многу привремени и уште многу сложени имиња. И за нив пак да биде виновна опозицијата. Кога ќе им текне по трет пат да ни ставаат привремено име, ќе им предложиме да нé викаат “Република Македонија (со општините Струмица, Штип, Подареш, Старавина, Куклиш, Другово… и сите други каде што изгуби СДСМ)”.
И така… Само да не биде врзано привременото име со привремена држава.
2. Некое фантомско здружение на Срби, Македонци и Црногорци од Тетово и Гостивар побара од македонските медиуми да прекинат со известувањето од настаните во Србија и да не се занимаваат со сé и сешто, а особено не со непринципиелни напади врз легитимната власт во СР Југославија. Тоа здружение смета дека македонските медиуми со начинот на известување можат да му наштетат на позитивниот тренд на односите меѓу Македонија и СР Југославија.
Зошто македонските медиуми известуваат за штрајковите и блокадите на земјоделците во Грција? Со тоа можат да им наштетат на преговорите за името во Њујорк. Зошто јавуваме дека бугарската војска ќе оди на принуден одмор? Да не му текне некому дека сега е вистинскиот момент да ги нападнеме. Гледај беља, не само што ќе ги победиме, туку ќе мора и да ги храниме.
Загрижените за македонско-југословенските односи можеби мислат дека македонските медиуми ги измислуваат настаните во Белград. Во Тетово и Гостивар, во истиот термин кога оди дневникот на Македоската телевизија, приватната ТВ станица “Кис” го презема дневникот на Телевизија Србија. А на нивните вести протестите на опозицијата не постојат, така што агилното здружение на Срби, Македонци и Црногорци од Тетово и Гостивар воопшто не треба да се грижи што објавуваат македонските медиуми. И натаму нека си гледаат ТВ “Кис”.
3. Во сосема неблагодарна улога минатата недела се најде снимателот на ТВ “Силекс” Ѓоко Поповски. Меѓу новинарите познатиот Гањо, по сите можни војни и демонстрации што ги поминал во светот и кај нас во својот работен век, доживеа да биде нападнат во Облавце и да му биде скршена камерата од тукашни луѓе, заради едни обични локални избори.
Телевизијата “Сител” реагираше со вонредни вести. По неа следеа и официјални и неофицијални реакции во одбрана на новинарството, на правото за информирање, на правото за вистина и слично. Трагично е што овој инцидент се случи со еден високо ценет камерман, кој, без разлика на мотивите за тепачката и одбраните по неа, едноставно, си ја вршел својата работа професионално, како и многупати досега – си молчел и си снимал. Трагично е зашто врз еден професионалец се прекрши на најсликовит можен начин целото вртоверство на политичарите. Застанаа во одбрана на новинарството, истовремено манипулирајќи со новинарството.
Во традицијата на македонскиот народ има еден куп поговорки кои предупредуваат на тоа дека ако некому правиш лошо, лошото и тебе ти се враќа. Само два месеца пред инцидентот во Облавце сличен инцидент се случи во Кратово. Тогаш на стадионот на “Силекс” камерманот на телевизијата “А1” добиваше закани дека ќе биде натепан. Тој што ги упатуваше заканите и се “силеше” пред камерите беше токму директорот на “Сител” Горан Иванов. Припадниците на неговото обезбедување, од една приватна фирма за обезбедување, го спречија да не си ја демонстрира силата врз камерманот на телевизија “А1”. Инаку, господинот Иванов е син на Љубисав Иванов-Ѕинго, претседател на Социјалистичката партија, под чиешто влијание, веруваме, случајот во Облавце се издигна на ниво на меѓупартиска пресметка на релацијата СДСМ – СПМ.
Колку што се сеќавам, немаше никакви вонредни вести, соопштенија на партии и здруженија, реакции од полицијата. Тогаш немаше политичка потреба да се брани професијата. А потреба од манипулација има во секое време.
4. Не ми е јасно зошто “А1” го стави во конкуренција за гаф на неделата тоа што министерот за одбрана Благој Ханџиски играше индијански танц со една Индијанка? Да бевме Америка, тоа ќе беше само прва вест во вестите. Министерот за одбрана во улога на главатарот Ханџо – прва томахавка, танцува со една скво.
Сите честитки за Ханџиски. Министерот има изградено критериуми. Индијанците се вистински Американци. Староседелци. Тие немаат ништо европско, па и кога играат со нас, барем играат искрено. Да беше девојката евро-американка, сигурно ќе гледаше како да го препне министерот.