ОБРАЗОВНИТЕ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ГИ ПЛАЌА ДРЖАВАТА, РЕЧЕ ЦАРОВСКА

    ОБРАЗОВНИТЕ АСИСТЕНТИ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД СЛЕДНАТА ГОДИНА ЌЕ ГИ ПЛАЌА ДРЖАВАТА, РЕЧЕ ЦАРОВСКАЦаровска го посети Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремац“ во скопската Општина Кисела Вода, и кажа дека во буџетот за 2021 првпат се обезбедени 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти. (Фото: МОН)

    Учениците со попреченост од следната учебна година ќе добијат образовни асистенти од државата, а не како досега што беа покривани преку општините, рече денес министерката за образование и наука Мила Царовска, на Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

    Царовска го посети Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремац“ во скопската Општина Кисела Вода, и кажа дека во буџетот за 2021 првпат се обезбедени 54 милиони денари за ангажирање образовни асистенти.

    „Образовните асистенти се различни од личните асистенти, кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Образовните асистенти досега беа покривани преку општините и општинско-корисна работа за да се понуди некаква поддршка. Сега градиме системско решение што ќе почне од 2021/2022. Во правилникот е утврдено дека образовен е асистент во настава. Лична асистенција е еден на еден. Образовен асистент е еден, но покрива едно до три деца во одделение. Тој треба да создаде атмосфера на учење од оние со типичен кон оние со нетипичен развој и обратно. Тие ќе бидат ангажирани преку училиштата. Може да бидат и со средно и со високо образование“, кажа министерката.

    Царовска додаде и дека согласно Законот за основното образование, кој беше усвоен лани, специјалните училишта до 2023 треба да прераснат во ресурсни центри кои ќе го поддржуваат инклузивното образование во сите редовни училишта.

    „До 2022/2023 ќе се запишуваат ученици во посебните училишта. Генерацијата која ќе биде затекната, ќе функционира до 2031. Значи, посебните училишта кои функционираат сега, нема да бидат затворени веднаш, зашто во јавноста има забуна. Ќе продолжат да функцинораат со својата воспитно-образовна дејност и понатаму за оние ученици кои имаат комплексни потреби, а се вклучени во инклузивните училишта. Училиштата како ‘Д-р Златан Сремац’ се надевам дека ќе бидат клучна алка во поддршка на целокупното поставување на темелите на едно инклузивно општество“, рече директорката на „Д-р Златан Сремац“ Марија Делетиќ.

    Во чест на Меѓународниот ден, на денешната онлајн тркалезна маса насловена „Трансформирање на општеството: Заедница за сите”, учествуваа повеќе министри, меѓу кои и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која рече дека Министерството за труд и социјална политика во наредниот период сериозно ќе се зафати со реформи во областа на трудот и работните односи, како можност да се креираат решенија кои ќе ја поттикнат инклузијата на лицата со попреченост на отворениот пазар на трудот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира