Министрите го отворија патот за ефективно вработување на 1.200 т. н. рамковни административци кои со години седеа дома и земаа плата, со што ќе ги стави на трансфер-листа за распоредување по институции. Ако не им се допаѓа платата или работното место што ќе им се понуди, ќе го изгубат правото за вработување на овој начин во државниот сектор, засекогаш.
Целиот процес ќе оди преку Закон за преземање на административни службеници и вработени, чиј предлог вчера го усвои Владата, а Парламентот ќе треба да го донесе со просто мнозинство од најмалку 41 пратеник. Законот предвидува глоба за институциите кои имат потреба од вработување, а ќе одбијат да вработат од овие службеници, кои ќе чекаат како понуда од трансфер-листата во Министерството за информатичко општество и администрација.
Се работи за околу 1.200 економисти и правници првенствено, но и кадри со завршено средно образование, кои со законот еден по еден ќе бидат распоредувани, како ќе се јавува потреба за вработување во државните институции и во локалната самоуправа. Доминираат Албанци, но во оваа бројка се и Македонци, Роми, Турци, Срби, Бошњаци, зависно од која средина се нашле како малцинство, па така биле „вработени“ под оправдание за правична застапеност.
„Овие луѓе воопшто не се виновни што биле вработени, а никој 10 години не ги земал да работат. Дузина министри, вицепремиери, градоначалници, директори се извртеа, секој си вработувал свои луѓе, овие останале. Со законот Владата на почеток ќе треба да усвои план за распоредување на овие околу 1.200 кадри каде што има празни места, а има потреба од вработување во 2021 година. Ќе се земат систематизациите на институциите, да се види каде фалат кадри. Во МИОА ќе се направи трансфер листа од овие вработени по Рамковниот договор. Институциите на кои им треба вработувања, ако звањето и квалификацијата на кадарот што го бараат го има на трансфер-листата, обврзувачко ќе биде од неа да вработи. Се разбира, ако се совпадне со местото на живеење на вработениот, зашто со сила никој никого не тера да се сели од еден во друг град“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Артан Груби, првиот вицепремиер во Владата, кој го води ресорот Политички систем односи меѓу заедниците.
Тој вели дека фалат кадри и со средно образование насекаде, по шалтерите во МВР, во ПИОМ, Катастар… Проблемот, вели, е во тоа што никој не сака да работи за 15.000 денари плата, па оттаму, законот предвидува и дека ако институција побара вработување од рамковните, а тие одбијат зашто не им се допаѓа, поради мала почетна плата или слично, правото преку овој закон да се вработат го губат трајно.
Законот е на предлог на вицепремиерот Груби.
С. К. ДЕЛЕВСКА