Здружението на новинари на Македонија ќе ги извести сите релевантни меѓународни организации за, како што ја нарече, срамотната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, кој првостепено им ги одби тужбите на новинарите кои известуваа од организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. ЗНМ во острата реакција вели дека ваквата судска одлука е на штета на новинарите и на слободата на изразување во нашата земја.
„Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барање на новинарката Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа повреда на нивните права и штета од државата за настаните од 27 април 2017 година во Собранието. Оваа пресуда е пропуштена можност да се заштитат правата на новинарите и преставува уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичари и новинари. Потсетуваме дека во случајот со групата политичари Основното јавно обвинителство по службена должност покрена постапки и кривичниот суд осуди со затворски казни група на граѓани, а во случајот на новинарите самите беа оставени да покренуваат приватни тужби“, реагира ЗНМ.
Одлуките не се објавени сè уште, но ЗНМ тврди дека образложението на судот во пресудите е оти новинарките не доставиле докази од кои што може да се утврди дека на 27 април 2017 година се случиле јавни демонстрации пред Собранието, иако во тужбата уредно се доставени видеозаписи од случувањата пред Собранието, а критичниот ден стотици објави беа и уште стојат објавени на медиумите.
„Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти, дека имало упад во Собранието од страна на лица кои јавно демонстрирале на 27 април 2017 година е тенденциозен и претставува преседан во контекст на овој случај“, вели ЗНМ.
Исто така, небулозно е тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки и наведува дека двете немале телесни повреди. Скандалозен е фактот што судот не признава дека душевната болка, страв и траума кои биле доживеани од страна на присутните новинари е проблематично и притоа се имплицира дека немале телесни повреди тужителите.
„Потсетуваме дека судската власт има обврска да ги штити правата на новинарите, бидејќи со тоа го штити и правото на граѓаните да бидат информирани“, наведува ЗНМ.
САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до судот и во разговор со претседателот Илир Сулејмани, тој рече дека ѝ се јавил на судијката Антоанета Димовска која не ја нашол на работното место, туку дома, му потврдила дека вчера ја објавила одлуката за одбивање на тужбата на новинарката Мрѓа и оти деновиве таа писмено ќе образложи зошто ја донела таквата одлука.
Мрѓа најавува дека ќе оди докрај, до Европскиот суд за човекови слободи и права и таму ќе ја најде правдата.
С. К. ДЕЛЕВСКА