По вчерашната објава на бугарската министерка за правда Десислава Ахладова дека во изминативе 10 години 66 илјади Македонци добиле бугарско државјанство, се актуелизираше повторно скандалот од 2018 година, кога беше уапсено раководството на Државната агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ), преку која што се издаваат државјанствата.
Судењето почна дури две години подоцна, во септември 2020, но поради пандемијата на коронавирус судскиот процес е во застој. Обвинети за земање мито, просечно по 1.000 евра, при издавање уверенија за бугарско потекло се поранешниот директор на ДАБЧ Петар Харалампиев, тогашниот генерален секретар Красимир Томов, кај кого во сеф беа најдени 285 илјади евра, и уште двајца.
Уверението за бугарско потекло е клучен документ потребен за добивање бугарско државјанство и според обвинението понекогаш се издавало и експресно, т.е. истиот ден. Сите обвинети се кадри на ВМРО-БНД на вицепремиерот Красимир Каракачанов.
Скандалот во 2016 година го откри Катја Матева, поранешна шефица во дирекцијата за бугарски државјанства во Министерството за правда, која тврди дека партијата на Каракачанов се финансира од земање мито за добивање бугарско државјанство. Таа беше разрешена во 2017 година, откако и беше одземена лиценцата за пристап до класифицирани информации. Во тој период, министерка за правда беше Екатерина Захариева, сегашната министерка за надворешни работи.
По откривање на скандалот од Матева, Каракачанов се закани дека ќе се самоубие ако се докаже дека земал пари од Македонци за бугарски пасоши.
„Откако сум јас претседател на ВМРО, една стотинка од Македонија не е земена во наша полза. Ако некој го докаже спротивното, спремен сум веднаш да ја напуштам позицијата, да се откажам од политиката и да се убијам со пиштолот што го поседувам законски на плоштадот во Софија“, кажа тогаш Каракачанов.
Поранешниот вицепремиер Васили Симеонов, под чија надлежност беше ДАБЧ, исто така, се закани дека ќе се самоубие, ако се докажат обвинувањата.
„Ќе се вратам во Бургас, ќе отидам на бургаскиот мост, ќе си закачам шина околу вратот, ќе скокнам и ќе се удавам“, кажа Симеонов.
Матева, кога ги изнесе обвинувањата, кажа дека за 15 години (2001-2016) 70 илјади македонски граѓани добиле бугарски државјанства. Според Матева, Каракачанов земал меѓу 550 и 1.500 евра, или просечно по 1.000 евра од секој Македонец кој аплицирал за бугарски пасош во криминалната шема, а дневно имало меѓу 150 и 200 кандидати.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов по апсењата во ДАБЧ во ноември 2018 година најави дека агенцијата ќе биде затворена, но тоа не се случи за да не се нарушат односите меѓу ГЕРБ и ВМРО-БНД во владејачката коалиција.
Бизнис со бугарски државјанства си правеле и жителите од пограничните региони, кои масовно си ги продавале домашните адреси за регистрација на странци, кои на таа основа добивале бугарски пасош. Тарифите се движеле меѓу 50 и 100 евра и само во општина Ќустендил биле регистрирани околу 13.000 Срби и Македонци. Во областите на Благоевград и Ќустендил, на некои адреси имало пријавено по 300 луѓе. Според Матева, во село близу Благоевград, илјадници луѓе се регистрирани на една бандера.
М. ИЛИОСКИ