Инспектори најдоа расфрлан медицински отпад кај хируршките клиники во Клиничкиот центар во Скопје, по дојава на тамошната Служба за општи и заеднички работи, соопшти Државниот инспекторат за животна средина.
„Медицинскиот отпад, ставен во картонски кутии, спротивно на законот, беше складиран во депо за картонска амбалажа. Опасниот медицински отпад мора да биде селектиран, спакуван во жолти кутии или вреќи, потоа да се складира во посебен контејнер и да се транспортира со посебно возило до Дрисла. При подигањето на картонската амбалажа од страна на компанија што собира медицински отпад, кутиите со медицински отпад беа фрлени на земја и растурени“, велат од инспекторатот по увидот извршен на 10 декември и ги задолжи службите да го исчистат местото и да го отстранат медицинскиот отпад на прописен начин.
Имајќи предвид дека на оваа локација медицински отпад фрлаат сите хируршки клиники, Државниот инспекторат вели дека до нив ќе достави опомена, но истовремено, примерок од медицинскиот отпад ќе се достави до Судска медицина за вештачење и откривање на клиниката од која потекнува отпадот, по што ќе следи и соодветната законски утврдена казна.