Полицијата вчера приведе осум лица осомничени за тероризам, соопшти Министерството за внатрешни работи. Против приведените Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21, ) Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „терористичка организација“.
Оваа акција е поврзана со апсењето на тројца повратници од војната во Сирија во август годинава. Тогаш беа уапсени Б.А. (28), В.А. (22) и Е.Љ. (25) од Куманово, осомничени за кривичните дела „терористичка организација“ и „тероризам“, кога беа пронајдени оружје и минско експлозивни средства.
„Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичка организација ИСИС за извршување на убиства и уништување на јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. За остварување на таа намера членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето кое што го набавиле. Членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Вотсап“ каде меѓудругото го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси“, се вели во соопштението на МВР.
Од МВР велат дека Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.
„Пронајденото оружје и минско експлозивни средства на 27.08.2020 година во непосредна близина на м.в. Менкова колиба, Куманово, за кое на 31.08.2020 година кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажува дека делувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за превземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација“, додаваат од полицијата.