„Хомо“, третиот игран фим на режисерот Игор Иванов-Изи, ќе има светска премиера на 16 јануари на Интернационалниот филмски фестивал во Гоа во Индија, најави на денешната прес-конференција в. д. директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски. Педест и првото издание на најстариот и еден од најзначајни фестивали во Азија, ќе се одржи од 16 до 24 јануари 2021 година.
Фестивалот го селектираше „Хомо“ во програмата Светска панорама, вон конкуренцијата за награди.
Филмот е снимен по сценарио на Иванов-Изи и Сашо Кокаланов, а продуцент е Томи Салковски од „Скопје филм студио“. Македонската премиера на филмот беше на 24 септември на затворањето на Фестивалот на европски филм Синедејс. Во „Хомо“ играат: Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ , Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ од Косово, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Јелена Јованова во улогата на Јулија, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.
„Учеството на овој фестивал е потврда за успешна работа на еден режисер и актер. Ние се надеваме дека после работата продуктот ќе има некаков живот, за филмот тоа е учеството на филмските фестивали“, рече денес Симонов.
Филмот низ епизоди на црн хумор го прикажува животот на шест лица, безнадежни ликови кои по игра на случајот во обид да преживеат и да пронајдат и барем малку среќа се среќаваат во модерната метропола.
„Хомо“ е копродукција со „Арт енд попкорн од Србија“, „Гала филм“ од Бугарија, „Триггер“ од Косово и „Иридиум филм од Словенија“.
К. СЕЛАМОВСКА